Користите паметен телефон веќе неколку години и батеријата не трае како на почетокот? Ова е очекувано – литиум-јонските батерии имаат само ограничен рок на траење од околу 1.000 полнења пред да почнат драматично да го губат капацитетот. Ова би можело наскоро да се промени – научници од Харвард развија „течна батерија“ која има многу подолг век на траење.

Колку подолго се прашувате? Оваа батерија губи само 1% од капацитетот после 1.000 полнења, што значи дека би требало значително долго време за да почувствувате дека има загубено на капацитетот. Поточно, таа сигурно би траела подолго отколку што би траел самиот уред. Батеријата функционира така што ја зачувува енергијата во течни раствори, кои ги модифицираат молекулите во електролити и ги прави стабилни и растворливи во вода. Кога ќе се растворат во вода, тие многу помалку се деградираат со текот на времето.

Покрај придобивките за нивната трајност, овие батерии не се токсични, за разлика од литиум јонските, а растворот е исто така и антикорозивен. Ова ги прави многу подобри за околината – литиум јонските батерии претставуваат голем проблем откако ќе се потрошат, бидејќи нивното складирање значи и пуштање на многу отровни материи во околината.

Сепак, овие батерии имаат и некои недостатоци. Имено, тие треба редовно да се одржуваат со цел електролитите да ги задржат своите својства, што ги прави непогодни за употреба во мобилните уреди, барем засега. Затоа, тие се одлично решение за складирање на енергијата од обновливите извори, како на пример од соларни панели во вашиот дом.

Извор: Wired, Inavate, Engadget

Претходна статијаFord инвестира 1 милијарда долари во автономни возила
Следна статијаИндија е една од најзагадените земји во светот