Windows 10 ќе му овозможи на корисникот паузирање на надградбите со Creators Update

Напишано на 03.01.2017 - 14:34 од Иво Гиевски

Најновиот оперативен систем на Microsoft е првиот во серијата на Windows софтвери кој прилично редовно добива нови можности и функционалности со секоја надградба. Порано, Windows надградбите пред сѐ беа насочени кон зголемување на безбедноста и закрпување на евентуалните дупки и багови.

Сепак, начинот на кој Windows 10 се надградува прави проблем кај многу корисници. Често, со новите функционалности се потребни и нови драјвери и Windows 10 знае да јавува проблем. Многупати се случило корисниците да имаат проблем со графиката или звукот после некоја надградба, а не ретко се случува да не работат и многу важни компоненти, како на пример Wi-Fi антената.

Затоа, во Creators Update, кој треба да пристигне во Април годинава, Microsoft ќе му овозможи на корисникот да ги паузира овие надградби за максимум 35 дена. Тука сепак не се вклучени безбедносните надградби – тие ќе се симнуваат и инсталираат независно од тоа што има избрано корисникот.

Опцијата сега е достапна во протечениот Build 14997 за Windows 10, кој е најава за Creators Update. Опцијата за паузирање на надградбите се наоѓа во Settings > Update&Security>Windows Update>Advanced Options. Сѐ уште не може со сигурност да се каже дали Microsoft оваа опција ќе ја вгради во официјалната надградба, но би било добро да се случи тоа, бидејќи е многу барана опција од корисниците.

Сето ова е само привремена „закрпа“. Имено, Microsoft би требало да овозможи целосна контрола на надградбите на корисникот. На многу корисници им е поважно да имаат стабилен компјутер, со драјвери кои работат, отколку компјутер кој ќе ги има најновите функционалности.

Извор: Forbes, Windows Report, Winaero

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]