Во времето на Стив Балмер, бившиот извршен директор на Microsoft, компанијата се насочи главно кон Xbox линијата и на некој начин ги остави PC гејмерите на „цедило“. Сепак, со Сатја Надела тоа се промени и Windows 10 повторно се враќа на врвот и гејмерите почнаа широко да го прифаќаат. Од наредната година ќе имаат и дополнителна причина за тоа, која ќе се вика Game Mode.

Оваа можност би требало да биде присутна во Creators Update надградбата за Windows 10, која ќе пристигне во првите три месеци на наредната година, а беше протечена во Build 14997 надградбата. За неа извести Walking Cat твитер акаунтот, кој нашол нов gamemode.dll во Windows датотеките.

Засега нема информација за тоа што би требало да значи Game Mode, но не е воопшто тешко да се претпостави. Имено, кога корисникот ќе стартува игра, во моментов во Windows 10 има многу процеси во позадината кои земаат дел од ресурсите на компонентите, како процесорот, рамот и дискот и тоа често донесува до кочење или паѓање на фрејмовите во играта.

Со Game Mode, Windows 10 веројатно ќе ги гаси сите процеси во позадината и ќе ги остави само најважните, со цел играчот да може да ги искористи максималните перформанси на својот компјутер. Game Mode би можел да биде достапен само за игри од Windows Store, што е потег со кој Microsoft ќе се осигура дека корисниците ќе го користат еко системот, а и дивелоперите ќе ги објавуваат новите игри таму.

Според извори на Windows Central, Game Mode ќе работи слично како игрите на Xbox One конзолата, каде оперативниот систем скоро сите ресурси ги пренасочува на играта кога таа ќе биде стартувана.

Сето ова не значи дека со Game Mode ќе можете да играте игри со тешка графика на послаби компјутери, но мала разлика сигурно ќе има и играта сигурно многу помалку ќе „сецнува“ и забавува.

Извор: PC World, Windows Central, The Verge

Претходна статијаCore i7-7700K Kaby Lake процесорот може да се „клокне“ над 7 GHz со ладење од течен азот
Следна статијаКапитол мол исполнет со детска радост и новогодишен дух