OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Работите со графички и 3D дизајн или пак само сакате да цртате на вашиот компјутер? Ако го правите тоа и досега сте работеле на Mac OS, ќе биде добро да ја проверите новата бесплатна надградба на Windows 10, која треба да пристигне на почетокот на наредната пролет и која ќе донесе мноштво подобрувања и новитети, насочени пред се кон олеснување и подобрување на работата на креативците.

Creators Update ќе биде првата надградба на Windows 10 која ќе донесе подобрувања наменети за една група на корисници, која интересно во најголем број користи Apple компјутери. Всушност, ова е веројатно и најголемиот обид на Microsoft за влегување во секторот на компјутери за креативците и сите оние кои работат со дизајн, но Windows 10 ќе биде и многу повеќе од тоа – ќе им овозможи на децата и учениците полесен начин на креирање на своите идеи.

Најголем новитет е новата Paint 3D апликација, која според тоа што го видовме на презентацијата, ќе овозможи многу лесно креирање на 3D објекти и содржини. Исто така, многу од 3D објектите корисникот ќе може да ги „преземе“ од реалноста, со кој и да било Windows телефон (и веројатно и iPhone и Android) со специјална апликација која со вртење на телефонот околу објектот ќе може да го пренесе како 3D објект во Paint. Самото креирање на 3D содржините е направено исклучително лесно и интуитивно – со Paint 3D буквално би можело да креира и мало дете.

Сите овие 3D објекти потоа ќе можат да се пренесат во Office апликациите. На пример, особено е интересно што 3D објектите можат многу лесно да се вградат во PowerPoint презентација и да ја направат многу помодерна и поинформативна. Microsoft лансира и Remix3D Community онлајн, каде корисниците ќе можат да ги постираат своите 3D креации за потоа да ги искористат останатите. Така, 3D објектите ќе му бидат достапни на корисникот во секоја апликација која ги поддржува.

Windows 10 Creative Update ќе донесе и подобрувања за гејмерите. Веројатно најважно е што во оперативниот систем ќе биде вграден лесен начин за стриминг на играњето во живо на интернет, нешто налик на Twitch. Ова е всушност обид на Microsoft да влезе во онлајн следењето на играње игри и најдоброто во нивниот пристап е што оваа функција ќе биде директно достапна на сите корисници на Windows 10 со оваа надградба.

screen-shot-2016-10-26-at-16-45-18

На крај, Windows 10 ќе биде многу подобар за поврзување со најблиските контакти, кои сега ќе може да се постават на таскбарот во долниот дел. Со нив корисникот ќе може да комуницира многу брзо и дури и да споделува датотеки само со префрлање со маусот кон нивниот аватар. Со Creators Update конечно стигнува и можноста за целосно менџирање на SMS пораките од телефонот на вашиот компјутер – во моментов, корисникот може само да одговори на порака во “Action Center”.

mypeople

Наскоро, многу од овие промени ќе бидат достапни за “Insider” корисниците на Windows 10, додека официјалната верзија треба да пристигне во Март наредната година, кога се надеваме ќе видиме и неколку нови уреди, како Surface Pro 5 и Surface Book 2.

Извор: The Next Web, Fortune, Windows Blog

Претходна статијаMicrosoft најави нови, подостапни VR уреди за Windows 10
Следна статијаОдличниот концепт телефон Xiaomi Mi Mix најверојатно нема да биде достапен надвор од Кина