Наредната голема надградба на Windows 10 ќе биде достапна уште наредниот месец, што е одлична вест за оние кои чекаат за подобри можности за виртуелна и изменета реалност во своите десктоп и лаптоп компјутери. Надградбата нормално ќе биде бесплатна за сите оние кои имаат легално (па и нелегално) активиран Windows 10 оперативен систем и истата ќе биде подобрување на првата Creators Update надградба претставена оваа година.

Главен фокус на Windows 10 Fall Creators Update ќе биде виртуелната и изменетата реалност – со новиот софтвер очекувајте и атак на производителите на хардвер со нови уреди за гледање виртуелна реалност, кои ќе имаат пониска цена од досегашните, што е одлична можност за оние со поплиток џеб.

Fall Creators Update Ќе има и подобрени “inking” можности, односно сега ќе може да цртате директно на .pdf датотеки и тоа со помош од вештачка интелигенција, која ќе познае што сакате да нацртате и ќе направи да изгледа поубаво. Во превод, нема веќе „грди“ шкртаници.

Поголем новитет ќе биде и OneDrive Files On Demand, односно клауд решението на Microsoft веќе нема да ги става сите датотеки во вашиот компјутер, туку само оние кои најчесто ги користите ќе бидат искеширани во него. Ова ќе заштеди многу простор, кој е особено драгоцен на компјутерите со SSD дискови.

Новитети ќе има и во Photos апликацијата, која ќе може да прави приказни од вашите фотографии збогатени со музика, 3D и “Inking”, а гејмерите ќе можат да искористат максимум од перформансите на својот хардвер со Game Mode, исто како што тоа го прави Xbox конзолата на Microsoft, односно позадинските апликации веќе нема да „јадат“ од ресурсите. Покрај тоа, Windows 10 со Fall Creators Update ќе има и вградена можност за управување со очи, што може да биде корисно во игрите.

Не помалку важно, оваа надградба ќе донесе и големи безбедносни подобрувања, односно Windows Defender ќе биде помогнат од клаудот на Microsoft со многу поголема интелигенција за заштита од најопасните напади. Се чини дека со оваа надградба ќе може конечно да избегнете да инсталирате дополнителен антивирусен софтвер во Windows 10, што е исто така одлична вест.

Извор: Microsoft, Stuff, Hexus

Претходна статијаXiaomi Mi Mix 2 ќе биде импресивен смартфон со најмала рамка околу дисплејот
Следна статијаЕлон Маск смета дека вештачката интелигенција ќе ја предизвика третата светска војна