Првиот производител кој направи паметен телефон со мала рамка околу дисплејот беше Sharp пред неколку години, но компанијата која вистински го доближи концептот до јавноста и која буквално ги повлече сите други производители да направат такви телефони е Xiaomi со Mi Mix, веројатно најимпресивниот смартфон претставен минатата година.

Сега, тие спремаат и наследник, кој ќе има уште помала рамка околу дисплејот и кој треба да ги замрси сметките на iPhone X (8), Samsung Galaxy Note 8 и Huawei Mate 10.

Од она што можеме да го видиме на првите фотографии кои ни ги претстави Xiaomi, Mi Mix 2 повторно ќе има ист дизајн, без рамка во горниот дел и од страните, но сега рамката во долниот дел ќе биде уште помала. Спецификациите ќе бидат поеднакво импресивни – се очекува ова да биде првиот телефон со Snapdragon 836, помогнат од 6 GB рам меморија и 128 GB простор.

Дисплејот ќе биде растегнат на 6,2 инчи во дијагонала и најверојатно ќе има повисока резолуција од таа на претходникот, додека батеријата ќе брои импресивни 4.500 mAh. Не помалку важно, ова ќе биде еден од првите смартфони со Android 8.0 Oreo.

Според информациите, Mi Mix 2 ќе има и систем за 3D препознавање на лицето, ист како на iPhone X, што е уште еден шамар за Apple, особено што кинескиот бренд својот модел ќе го претстави на 11 септември, ден пред Apple да го претстави својот најважен iPhone последниве неколку години. Да, претставувањето на iPhone X дефинитивно ќе помине со поголемо внимание кај медиумите, но ве советувам добро да го погледнете и Mi Mix 2, кој не само што може и ќе биде подобар во некои сегменти, туку ќе има и многу пониска цена.

Извор: TechCrunch, GSMArena, The Verge

Претходна статијаИспорака на Domino’s со самоуправуван Ford Fusion Hybrid
Следна статијаWindows 10 Fall Creators Update пристигнува на 17 октомври