Redmi серијата на популарниот кинески бренд Xiaomi е супер популарна на пазарите во развој, бидејќи нуди солидни перформанси, одлична изработка и супер ниска цена. Новиот Redmi 4 модел ги подобрува карактеристиките на својот претходник и нуди супериорно траење на батеријата, заедно со подобрување на перформансите и камерата.

Redmi 4 е повторно 5,5 инчен смартфон со Full HD резолуција, што со оглед на цената е одлична вест. Моделот има и заоблено стакло во предниот дел (не и заоблен дисплеј) и е изработен од алуминиум, што е огромен адут во пониските класи. Во внатрешноста на телефонот се вградува Snapdragon 625 чипот со Adreno 506 графика, што би требало да овозможи прилично мазно работење.

Ќе бидат понудени неколку варијанти – основната ќе има 2 GB рам и 32 GB простор, средната ќе има 3 GB рам и 32 GB простор, додека најмоќната ќе има 4 GB рам и 64 GB простор. Сите варијанти ќе имаат и слот за micro SD картичка и поддршка за dual SIM 4G, а нивните цени ќе бидат 146, 161 односно 190 долари во Индија (во Кина веќе беа лансирани со друг процесор). Ова се скоро исти цени како на претходникот, па очекувајте тие да останат такви кога ќе пристигне и кај нас.

Покрај подобрувањата во перформансите, од Xiaomi велат дека огромната батерија од 4.100 mAh достапна во овој модел лесно ќе овозможи дводневно користење, што е лесно да се поверува поради прилично големиот капацитет. Покрај тоа, тие ветуваат и најдобри термални перформанси во класата, односно дека мобилниот нема да загрее дури и по 30 минути играње агресивна 3D игра.

На крај, подобрувања има и камерата, иако на хартија не изгледа така. Наместо 16 мегапиксели, сензорот позади сега има 13 мегапиксели, но има поголем сензор и следствено на тоа поголеми пиксели. Ова придонесува за многу помалку шум во фотографиите како и поголема острина по пиксел. Предната камера и натаму има 5 мегапиксели, што е солидно со оглед на класата.

Единствен недостаток кај Redmi 4 е тоа што во почеток се испорачува само со Android Marshmallow 6.0. Сепак, веќе се достапни бета верзии на Nougat со MIUI, кои секој корисник може да ги инсталира и кои ветуваат дека ќе има и официјална надградба наскоро.

Извор: The Next Web, Livemint, Tech 2

Претходна статијаПотврдено – знаменосецот на Samsung ќе се вика Galaxy S8 и ќе има минимална рамка околу дисплејот
Следна статијаПрезентација на програми на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност на корисниците на Фондот за иновации и технолошки развој