jvzqdtjmwhv1t17b2lxe

На прв поглед можеби делува како паметен телефон со многу приклучоци на едната страна, но Ockel Sirius A е многу повеќе од тоа. Се работи за целосен Windows 10 компјутер, на кој ќе може да се инсталираат класичните Win32 апликации и кој има доволно приклучоци за да можете да приклучите надворешен монитор, USB стик, маус, тастатура и дури и жичен интернет.

Sirius A инаку има дисплеј со големина од 6 инчи и Full HD резолуција, што е многу малку за користење на десктоп оперативен систем, но универзалните апликации од Windows Store би требало да работат прилично добро, бидејќи истите се оптимизирани и за паметните телефони.

Во внатрешноста е вграден Intel Atom процесор со четири јадра, помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор. Ако овој капацитет ви се чини малку, има дополнителен слот за SD картичка. Капацитетот на батеријата пак изнесува 3.000 mAh, што се чини како прилично малку за уред со десктоп оперативен систем (производителот вели дека трае само 3 часа со едно полнење). Секако, вградени се и антени за Wi-Fi и Bluetooth, но нема можност за поврзување на телефонската мрежа.

q8pzs6k8uaaodc3eib1w

Сепак, вистинската моќ на Sirius A не е кога ќе го користите како некој тип на замена за вашиот паметен телефон, туку кога ќе го приклучите на поголем монитор. Тогаш, благодарение на тоа што има две USB 3.0, една USB Type-C, HDMI, DisplayPort и Ethernet порти, Sirius A може да се претвори во целосен Windows 10 компјутер. Интересно, доколку немате хардверски маус и тастатура, дисплејот на телефонот може да се искористи како брза замена и за двете.

Идејата зад Sirius A е да биде мал, преносен компјутер, на кој доколку немате дисплеј во близина можете да завршите некоја брза работа. Да, скоро секој паметен телефон денес може да се искористи за брза работа, но Sirius A сепак има можност за инсталирање на бесконечно голем број на ексклузивни Windows програми, што не е за потценување.

Холандската компанија Ockel, која стои зад овој хибриден уред веќе ги има собрано потребните средства на Indiegogo кампањата, што значи дека него сигурно ќе го видиме на пазарот. Сепак, нејасно е која ќе биде неговата цена и колку и каде ќе биде достапен.

Извор: ZDNet, WinBeta, Indiegogo

Претходна статијаInstagram конечно ја претстави својата Windows 10 апликација за компјутерите
Следна статијаApple ќе претстави нови MacBook лаптопи на 27 октомври