Американската Motorola, која сега е сопственост на кинескиот Lenovo, во своите Force телефони вградува дисплеи чие стакло не може да се скрши, дури и ако ви падне десетици пати по ред. Сепак, тој тип на стакла многу лесно се гребат и откако ќе се скршат (што ќе повторам е многу тешко), мораат да се променат со нови. Затоа, Motorola работи на нов тип на дисплеи за смартфоните, кои сами ќе се поправаат од гребаници и дури и пукнатини.

За да се поправи сам дисплејот од пукнатините, односно стаклото, ќе му треба дополнителна топлина, што Motorola го има решено со топлината која ја генерира самиот смартфон. Така, кога ќе напукне или ќе се изгребе дисплејот, има посебна апликација која може да се активира за да почне „поправката“. Апликацијата сама ќе открие каде се наоѓаат пукнатините или гребаниците и според тоа ќе пушти топлина на тој дел од дисплејот.

Нормално, поправката на дисплејот ќе трае долго, односно минимум неколку часови откако ќе се активира апликацијата за поправка. Ова сепак не претставува голем проблем, бидејќи во тој случај телефонот ќе може да го оставите со пуштена апликација преку ноќ и утрото тој да биде целосно поправен. Дефинитивно подобро отколку да треба да платите за промена на нов дисплеј.

Ова е прилично интересна технологија која се надевам дека ќе најде примена во некој од моделите на Motorola, но дали ќе работи како што е најавено, односно дали навистина ќе може да поправи и големи пукнатини останува да видиме кога ќе биде лансирана, ако биде и воопшто. Сепак, тука се работи за Motorola, која веќе има напредна технологија за стакло на дисплеите и ако некој производител лансира ваков екран, тоа дефинитивно ќе бидат тие.

Извор: Business Insider, Mashable, CNBC

Претходна статијаПрви квалитетни фотографии од LG V30 откриваат понапреден дизајн од G6
Следна статијаПовеќе спорт со neoTV – Спортклуб 4, Спортклуб 5 и Спортклуб 6