Lenovo го претстави својот нов знаменосец и уште веднаш ќе кажам, ова е модел кој е уникатен во високата класа во многу погледи. Moto Z2 Force можеби нема да ве плени со дизајнот, но затоа е смартфон кој ќе овозможи многу забава и „мирна глава“ доколку сте неспретни со рацете.

Причината за ова? Како и Z Force моделот од минатата година и овој има стакло на дисплејот кое не може да се скрши при паѓање. И да, испробано е, стаклото не може ама баш никако да се скрши или напукне, а Moto има ставено и нано заштита која штити од прскање со вода (но не и од потопување).

Ова, заедно со можноста за користење на Moto Mods додатоците, може да е доволно за да примами голем број на купувачи, особено оние кои сакаат да извадат максимум од својот смартфон. Уште една позитивна вест: Moto Z2 Force е компатибилен и со додатоците од минатата година, поточно има скоро ист дизајн како својот претходник.

Како и скоро секој Android конкурент од високата класа и Мото Z2 Force ќе има вграден Snapdragon 835 процесор, помогнат од 6 GB рам и 128 GB простор. Негова голема предност е што Android Nougat верзијата е многу блиска до онаа на Google, па очекувано е и перформансите да се повисоки.

Од друга страна, сериозен недостаток може да биде капацитетот на батеријата, кој изнесува 2.730 mAh – прилично малку за смартфон со 5,5 инчен Quad HD дисплеј, а повторно, Moto се одлучи да не вгради 3,5 mm излез за слушалки. Но, да се вратиме на позитивните карактеристики – назад е вградена двојна камера со два сензори од 12 мегапиксели, од кои едниот е црно бел, слично како кај Huawei P9 и P10.

Цената на Moto Z2 Force е веројатно најголемото разочарување – во САД таа ќе изнесува околу 720 долари, што кај нас може слободно да се претвори во евра. Да, ова е помалку од конкурентите од Samsung и Apple, но од друга страна не е особено компетитивно со кинеските производители, кои нудат исти перформанси и карактеристики по пониски цени. Сепак, никој од нив не нуди модуларност на нивото на Moto Z2 Force и ова може да е прилично силен адут на новиот знаменосец на Lenovo.

Извор: The Verge, TechRadar, ARSTechnica

Претходна статијаНовите Windows 10 надградби нема да ги поддржуваат постарите процесори и компјутерски компоненти
Следна статијаWi-Fi трансмитери ќе можат да ги читаат човечките емоции