На запад, особено многу се развиени сервисите кои го испитуваат квалитетот на производите кои се продаваат, односно солидноста(колку еден производ може да се расипе во одреден рок). Consumer Reports е најпопуларниот ваков сервис во САД и според него, Surface линијата на Microsoft не е препорачлива бидејќи не е доволно солидна.

Според нивните истражувања, околу 25% од сопствениците на овие уреди ќе имаат некаков проблем си расипување во првите две години откако го купиле, што е прилично голем процент. Затоа, тие го имаат тргнато печатот “recommended” односно не ги препорачуваат овие уреди за купување, што кај купувачи како американците, може да се одрази и во продажбата на Surface линијата.

Microsoft сепак не остана тивок на оваа тема и веднаш одговори на „обвинувањата“ за послаб квалитет од Consumer Reports. Одговорот стигна директно од Панос Панај, главниот човек во Surface дивизијата, кој изјави дека според нивните истражувања, Surface уредите се расипуваат исто или помалку од индустрискиот стандард. Тој дополни и дека компанијата цврсто стои зад квалитетот и доверливоста на Surface уредите.

Како и да е, доколку подобро се истражи проблемот, ваквите резултати на Surface линијата може да се поради проблемите со софтверот, односно Windows 10, кои донесуваа своевидни хардверски проблеми, како на пример пократко траење на батеријата, проблем кој Microsoft веќе го реши со надградби за оперативниот систем.

Поточно, проблемите се однесуваа на драјверите за Skylake чиповите кај Surface Pro 4 и Surface Book, иако прво се мислело дека проблемот е во самите процесори. Останува да видиме што ќе покажат повторните истражувања на Consumer Reports, но сегашните резултати се и тоа како незадоволителни.

Извор: Fast Company, The Verge, SlashGear

Претходна статијаУниверзитетско истражување открива четири видови на Facebook корисници
Следна статијаZTE Blade Z Max е 6 инчен смартфон кој чини само 129 долари