Логин Системи

Скопје, 16.06.2018. Денес еден од предводниците на приватната иницијатива за воведување на PayPal во Македонија, Венко Глигоров, објави повеќе информации за статусот на иницијативата. Според него, одреден значаен прогрес е направен.

“Откако преку 1000 различни организации и поединци заеднички доставивме барање до Министерството за Финансии и до Пејпал, постапката за воведување на пејпал во Македонија започна. Една година после тоа, се’ уште немаме Пејпал за продажни места во Македонија.” пишува Глигоров.

Според него, Paypal како организација е свесна дека Македонија не е на нивната карта на земји кои го подржуваат приемот на пари. И Министерството за финансии, кое експресно реагираше на иницијативата, исто така е свесно и покрена повеќе активности. Се организираа работни средби на сите чинители во банкарскиот, платниот и трговскиот сектор на Македонија.

Министерството и НБРМ работат на нови законски прописи

Најзначајно е тоа што од оваа година во разработка и финиширање се нови законски прописи за унапредување на платниот систем во Македонија – сегмент кој е неопходен за да се создадат услови за воведување на пејпал сервисот. Новата планирана регулатива содржи прописи кои задоволуваат повеќе директиви од ЕУ и современтите платни системи. Со новите законски прописи кои би требало да се достават до Собранието во септември оваа година, ќе се привлече вниманието не само на Пејпал туку и на сите други светски платежни сервиси како Скрил на пример. Платниот систем ќе може да вклучи и организации кои не се финансиски во своето основно делување.

“Откако ќе се усвојат законските прописи, ќе го информираме Пејпал и останатите за овие новини и ќе побараме да се отпочне business case за Македонија. Моја проценка е дека овој процес може да трае до три месеци.” истакнува Глигоров. “Идеално би било Пејпал да го имаме во Македонија пред Нова година. Исто така моја проценка е дека процесот ќе оди побрзо ако имаме прием во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.”

Со новите законски прописи што ќе се воведат овој Септември ќе се овозможи и други платежни провајдери да понудат услуги во Македонија

Пејпал и другите не се ослонуваат директно на тоа одредена земја да има ЕУ и НАТО сојузништво, но секако дека следат дали одредена земја има раздвиженост на пазарот од политички и бизнис аспект – секако бараат и сигурност на нивната инвестиција. Колку и да изгледа чудно, за Пејпал воведувањето на сервис во одредена земја е инвестиција (во превод трошок) и е потребно да го знаат обемот на нивните приходи и расходи во наредни неколку години – пред да донесат одлука.

На потег е прво Министерството, а потоа и Пејпал

На крајот како резиме: и двете страни, и државата Македонија и Пејпал е потребно да направат прогрес, секој во својот делокруг за да третата страна, вредните производители и провајдери на услуги во Македонија имаат корист – корист ќе имаат и корисниците на светските пазари бидејќи непречено ќе можат да соработуваат со Македонија.

Background информации

Пред скоро една година се покрена приватна иницијатива за овозможување на Paypal за трговци и поединци-фриленсери во Македонија.

Paypal е светски платежен сервисен провајдер преку кој може безбедно да се плаќа и да се примаат пари од секаде во светот за производи и услуги. Од 2014та година им се овозможи поединците и фирмите во Македонија да отвораат сметки во Пејпал за да вршат плаќање на трговски производи и услуги од светот. Пејпал не е возможен за примање на пари за производи и услуги на македонските производители, услужни организации и фриленсери.

Повеќе за активностите околу PayPal има на линкот https://www.loginsystems.biz/aktivnosti-paypal.

ИЗВОР 2Логин Системи
Претходна статијаПридобивки од возење велосипед со вашето семејство
Следна статијаThe Boring Company на Елон Маск го доби својот прв официјален проект