„Боемска рапсодија“ е фокусиран на животот и работата на Фреди Меркјури кој го игра младиот холивудски актер Рами Малек. Низ пресекот од култни песни, филмот го следи брзиот подем на бендот „Квин“ вклучувајќи го и периодот кога животниот стил на Фреди излегува од контрола како и триумфалното враќање со концертот на Live Aid, еден од најзначајните настапи во историјата на рок музиката. „Првиот човек на месечината“ е на репертоарот во 22.00 часот, а главните улоги ги толкуваат Рајан Гослинг и Клер Фој. Станува збор за биографска драма снимена според книгата на Џејмс Хансен и во сценариска адаптација на оскаровецот Џош Сингер. Гослинг го игра Нил Армстронг, првиот човек на Месечината. Како своевидна хроника на животот на Армстронг, филмот нѐ воведува во настаните меѓу 1961 и 1969 година, периодот на подготовка и реализација на една од најопасните мисии во историјата на патувањето во вселената.

„Ѕвездата е родена“ со Бредли Купер и Лејди Гага во главните улоги се прикажува во 17.30 часот . Бредли го пишува сценариото, го режира и игра во ова остварување. Филмот е направен според класичната приказна од 1937 година за трагичната љубов меѓу искусен музичар на залезот на кариерата и млада пејачка во подем. Филмот изобилува со оригинална музика, која ја напишал Купер, а сите песни во филмот се снимени во живо. Научнофантастичната романса „Зои“ на репертоарот е само во работните денови во 15 часот, а во филмот се појавуваат Јуан Мекгрегор и Леа Сејду. Компјутеризиран тест може да одреди која е веројатноста за успешна врска меѓу човек и андроид познати како „синтетички“. Зои и Кол работат во истражувачки центар за развој на ваква технологија, каде што покрај инженерскиот пристап кон романтиката со која се опкружени, влегуваат во меѓусебна врска. Но, еден изненадувачки настан создава раздор меѓу нив, заканувајќи ѝ се на нивната дотогаш цврста врска и укажува на поголеми филозофски прашања за љубовта, човечноста и автентичноста.

За најмладите, викендот е одлична шанса да го погледна анимираниот филм „Луис и вонземјаните” кој се прикажува во 11 часот и зборува за едно 11-годишно момче кое се спријателува со три мали вонземјани чие НЛО се урива врз неговата куќа. Цртаниот „Смолфут“ каде гласовите ги позајмуваат Џејмс Корден и Ченинг Тејтум, на репертоарот e во 13.30 часот во сабота и недела. Станува збор за Јети кој е уверен дека суштествата наречени „луѓе“ навистина постојат.

Билетите за сите проекции во кино „Милениум“ чинат 150 денари.

Претходна статијаКако да реагирате во сообраќајот кога ќе чуете сирени?
Следна статија17-то издание CINEDAYS – Фестивал на европски филм