Холивудски филмови веќе неколку месеци не се штанцаат како порано. Кризата почна баш во време кога почнаа да се најавуваат блокбастери како Тенет и низа други што мораа да се одложат. Вообичаено, шлајмот од филмови се чува за првите пар месеци од годината. Затоа, не ми текнува на ниту еден од тоа време што ми оставил позитивен впечаток.

Bad Education (за среќа?) излезе баш среде пандемијата, во април, па фино си отвори простор за поголема гледаност која во нормални околности верувам дека би ја немал. Од тие филмови што имаа премиера периодов, поголем публицитет можеби имаше само Extraction на Нетфликс, со Крис Хемсворт во главната улога. Но, се чини дека освен една брилијантна акциона сцена снимена во еден кадар, филмот не може да се пофали со многу други квалитети.

Bad Education има повеќе. Заснован на вистинита приказна, филмот се работи за една финансиска измама што ја прават и преќутуваат дел од главните администратори во средно училиште во Рослин, Њујорк. Училиштето е едно од најдобрите во земјата, но сака да стигне до првото место. Поради тоа, тие преземаат амбициозни подвизи, како изградба на мост вреден 8 милиони долари што ќе поврзува различни оддели од училиштето.

Но, покрај ваквите скапи конструкции, главниот администратор Френк Тасоне и неговата колешка Пам, немилосрдно ги трошат парите што ги заработува училиштето за сопствени и лични цели: милонски куќи и апартмани, шопинг на прескапа облека и накит, патувања со прва класа итн. Сето тоа со години, кулминирајќи во „штета“ од околу 11 милиони долари.

Инаку, скандалот е откриен од училишниот весник, во сторијата изработена од ученичка во училиштето која од невина приказна, почнува да копа подлабоко и така стига до информации кои евентуално ќе ја откријат измамата. Интересно е што баш на почетокот на филмот, во разговор помеѓу ученичката и Френк Тасоне, тој ја охрабрува да истражува и да направи приказна вредна за објавување, без разлика што се работи за средношколски весник.

Bad Education е многу вешто склопен филм, и успева да направи интересна приказна од нешто што е тешко да го претвориш во возбудлив филм. Дел од заслугата е за сценаристот Мајк Маковски, кој воедно бил ученик во Рослин баш за време на овој скандал.

Но, најголемиот дел од заслугата за успешниот производ припаѓа на Хју Џекмен. Една од најдобрите негови улоги (заедно со тие во Logan и Prisoners). Уште од самиот почеток, добиваш впечаток дека неговиот лик е харизматичен, но насетуваш и некоја темнина во неговиот карактер. Тој се грижи за своите ученици и за успехот на училиштето, но како што тече филмот, стануваш свесен за неговите манипулации. Не е само Џекмен одличен, целиот „кастинг“ врши одлична улога, особено глумицата во улога на Пам Глукин.

Одличен филм кој вреди да се гледа.

Претходна статијаWindows 10 ќе овозможи подобар избор за корисниците со повеќе графички картички
Следна статијаDell Optimizer ја користи вештачката интелигенција да ја подобри работата на вашиот Dell компјутер