Tesla официјално започна со производството и инсталација на еден од најинтересните производи во ова модерно време. Се работи за соларни кровови, односно ќерамиди кои се ставаат наместо обичните ќерамиди кои ги има на повеќето кровови.
Во основа, целта на овој производ е да им овозможи на корисниците подобро искористување на кровната површина, а во исто време сето тоа да изгледа и естетски убаво, во споредба со ставањето на сончеви панели.
Покрај тоа, Tesla има уште еден производ којшто одлично се вклопува со сончевиот кров. Се работи за Tesla Power Wall, батерија која ќе ја чува произведената, а неискористена електрична енергија од кровот.
Како што беше најавено, Tesla оваа година започна со производство на сончевите кровови, а како што обично тоа го правата и со своите возила, првите купувачи се вработените во компанијата.
Па така, Елон Маск го замени својот стандарден кров со соларен и започна да го користи производот од својата компанија. На овој начин од Tesla се осигуруваат дека производите кои ги продаваат ќе бидат добро тестирани пред да им се понудат на пошироката јавност.
Одличен производ кој мора да признаеме би сакале да го користиме, а посебно што нашата земја има голем број на сончеви денови и е погодна за користење на оваа енергија.