supervooc-oppo

Кинескиот производител на мобилни телефони Oppo, кој полека и станува познат на публиката со интересни модели, на годинешниот MWC настан најави дека развива технологија за полнење на батериите.

Идејата зад развојот на технологијата е фактот што развојот на батерии со многу поголем капацитет никако да тргне, па од компанијата истакнуваат дека во меѓувреме корисниците можат да се задоволат со многу кратко полнење на нивните уреди.

Технологијата којашто ја развива Oppo е наречена Super VOOC Flash Charge и ги опфаќа батеријата, каблите, конекторите, како и посебно софтверско решение, односно алгоритми кои го регулираат протокот на струја.

На нивната презентација тие прикажаа целосно полнење на батерија од 2.500 mAh за само 15 минути, а истата батерија за 5 минути може да се наполни скоро до половина. За полнење се користи ниско волтажен алгоритам, а проблеми со преголемо загревање на батеријата не треба да се појават.

Инаку оваа технологија е компатибилна и прилагодена за двата вида на кабли кои најчесто се користат кај уредите, односно Micro-USB и USB Type-C.

Дали од компанијата навистина имаат успеано да развијат една ваква технологија сигурно ќе дознаеме од моделите коишто во иднина ќе ги претставуваат на пазарот. За разлика од решението на Qualcomm, Oppo нивното го развива за нивните потреби, па не би требало да го очекуваме понудено на другите производители.

Логиката на компанијата за тоа дека брзото полнење на уредите може да претставува еден вид на компензација за бавниот развој на батериите не е лоша. Додека го дочекаме времето кога телефоните ќе можеме да ги полниме барем еднаш неделно, како што тоа беше случајот пред појавата на паметните телефони, можеби краткото време за нивно полнење навистина ќе направи разлика.

Извор: Android Central, Engadget

Фото: Android Central

Претходна статијаPanasonic Toughpad FZ е најцврстиот смартфон, доаѓа во верзии со Android и Windows 10 Mobile
Следна статијаПретставен Xiaomi Mi 5 – Новиот знаменосец има супер моќни компоненти и керамичко тело
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.