apple_imac_retina_5k4

Не е тајна дека дисплеј панелите за своите мобилни телефони, таблети и компјутери, Apple ги нарачува од други производители. Еден од нив, LG, протече информација дека најновиот „се во едно“ компјутер на Apple, iMac, ќе има екран со досега невидена 8K резолуција, односно во пиксели 7680х4320 пиксели.

Информациите секако треба да се земат со мала задршка, особено поради тоа што Apple веќе води во светот на компјутерите со 5K екранот (5120х2880), додека конкурентите се уште го користат популарниот 4K формат, на кој штотуку почнаа да излегуваат нови филмови. Сепак, информацијата беше јавно објавена на “LG Display” блогот, каде јасно е напишано дека на крајот од годинава Apple ќе лансира iMac со 8K екран.

Но, како човек кој секојдневно ги прати случувањата во технологијата, ни самиот не можам да поверувам дека Apple ќе се одлучи на ваков потег. Имено, дури и актуелниот модел на iMac, со 5K екран, нема доволно добра графика за без проблем да ги „вози“ сите тие пиксели, а во апликации кои користат повеќе графика, бидејќи графичките кои се вградуваат во овој компјутер се од лаптоп класата, заради задржување на малите димензии. Но, и да не е така, дури и најмоќната десктоп графичка во моментов, Nvidia Titan X, има проблем со најновите игри на 4K резолуција, а не па со 4 пати поголема резолуција (вкупниот број на пикселите на 8K во однос на 4K е четири пати поголем).

LG

Инаку, 8K резолуцијата е предложена од пред неколку години, но недоволно силните графички мејнстрим процесори, како и потребата за многу голем сообраќај за пренос на вакви видеа, го запреа пуштањето на вакви панели во продажба и засега ќе треба да се задоволиме „само“ со 4K. Првиот пренос во ваква резолуција се очекува во 2018 година и тоа од Зимската Олимпијада во Пјонгчанг, Јужна Кореја, а која ќе ја покрива токму LG.

Она што со сигурност го дознаваме од блогот на LG е дека корејскиот производител ќе ги произведува панелите за новиот iMac. А за тоа дали резолуцијата ќе биде досега незамисливата 8К, ќе почекаме на официјално соопштение од LG, бидејќи податокот кој велеше дека дисплејот ќе има 8K резолуција е веќе тргнат од блог постот на LG.

Извор: MacRumors, Mashable

Претходна статијаProject Composer – Dropbox тестира нова апликација за белешки и организација
Следна статијаKeyboard Buddy: Физичка тастатура на лизгање за iPhone 6