Со оглед на фактот дека никако да дочекаме значително зголемување на капацитетот на батериите, повеќето од нас го полнат својот телефон по барем 2 пати во текот на еден ден. Додека се направи напредок во технологијата за батерии, се што ни останува е технологијата за нивно брзо полнење која до одреден степен надоместува за немањето подобри батерии.

Кога веќе телефонот мора да се полни повеќе пати во текот на денот, барем тоа полнење да трае доволно кратко, па да се избегне она време на чекање пред уредот да може да го земеме и слободно да го користиме надвор или во креветот каде немаме полнач до нас 😊.

Телефоните веќе имаат брзо полнење кое овозможува поголем дел од телефонот да се наполни за 30 минути, но компанијата Anker сака да го намали ова време на 10 минути. Поточно, технологијата која ја развива оваа компанија треба да овозможи полнење на 50% од батеријата на телефонот за само 10 минути, што може слободно да се каже дека веќе ова е и повеќе од доволно голема брзина.

Технологијата која тие ја развиваат ќе работи преку USB Type-C стандардот, што би било чудно да не е така, а е наречена „пумпа за полнење“, односно подобро на англиски оригинално „charge pump“. За оваа технологија се очекува дека ќе биде основа на која ќе ги прават своите системи за брзо полнење компаниите кои веќе го прават тоа, како што е Qualcomm, на пример.

Технологијата ќе работи на 50 вати, а една од нејзините најголеми предности е справувањето со вишокот топлина кој се создава при полнење на еден уред.

Очекувањата се дека телефоните од идната година може да дојдат со оваа технологија и со тоа овие уреди кои константно ги користиме, многу побрзо да можеме да ги полниме.