Screenshot 2014-12-03 11.14.44

Патентирањето на одредена работа не значи дека таа сигурно ќе биде достапна во комерцијалните производи за корисниците. Компаниите патентираат голем број на развојни решенија, па ретко кое од нив навистина доаѓа до јавноста. Како и да е, кога се работи за нешто навистина корисно, интересно е да се прочита на какви се изуми работат компаниите.

Во овој случај се работи за патент кој што го има добиено Apple и кој се однесува на систем за заштита на електронските уреди при паѓање. Како што може да се види од патентот, системот во основа функционира на начин што го детектира паѓањето на уредот, по што извршува менување на неговата позиција со што се овозможува тој да падне на делот од него кој што има најмали шанси да се оштети.

Системот е поделен на два дела, односно прво на делот кој што го детектира паѓањето. Тоа како што би очекувале функционира преку користење на сензорите кои што веќе се вградуваат во телефоните како акцелерометар, жироскоп и слично, но и нови сензори кои што би биле вградени, како сонар. Сензорите би ја имале задачата да после детектирање на паѓањето, ја пресметаат положбата на уредот, брзината на паѓање, како и времето кое што останува од падот. Тие информации потоа се испраќаат до процесорот на уредот каде што се прават потребните пресметки.

Screenshot 2014-12-03 11.14.39

Потоа доаѓа на ред вториот дел од системот, делот кој што е одговорен за менување на позицијата на уредот, односно неговиот центар на гравитација. Со тоа ќе се овозможи уредот да падне на страна која што е поцврста и нема да се оштети. Па така, наместо уредот да падне на неговиот ќош или екран, тој ќе биде изротиран во воздух и ќе падне на металниот заден дел кој што е направен да издржи падови до одреден степен.

Ротирањето на уредот при пад би се вршело на неколку начини. Па така, еден од начините кој што се разгледува е користење на моторот кој што ги прави вибрациите при повици и други нотификации. Тој може да биде направен да може доволно силно да вибрира, поставен на позиција која што не е во центарот од уредот, со што ќе може да го придвижи уредот доволно за добивање на саканиот агол.

Во патентот се прикажани и дополнителни начини како уредот може да биде заштитен при пад. Доколку корисникот има вклучено слушалки, приклучокот од слушалките може да биде закочен во портата при детектирање на пад, по што уредот ќе се задржи на кабелот од слушалките. Исто така прикажан е и систем кој што користи фолии кои што се отвораат при падот, како и гас кој што треба да ја промени позицијата на уредот, па дури и да го забави падот.

Извор: AppelInsider, Geek, RT

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.