Развојот на технологијата овозможува полека да се претставуваат работи кои што до пред некое време беа само дел од научно фантастичните филмови. Доста од овие технологии сепак ги гледаме во нивната почетна фаза, па иако тие не можат да се споредат со тоа што го прават во филмовите, ги покажуваат основите на развој кој што ќе биде усовршен во иднина.
Така денеска можеме да го видиме развојот на технологијата на холограми, се разбира далеку од тоа што го имаме гледано во Стар Трек, меѓутоа може да се каже дека ова се почетоците на една напредна технологија со огромен број на можности. Моментално развојот на оваа технологија овозможува сликата да биде проектирана во воздух, со што може да се гледаат работите во 3D форма, наместо на некоја површина.
Проблемот е што оваа технологија ни приближно не овозможува интеракција на тоа што се прикажува преку допирање, односно се работи за обични светлосни зраци кои што може само да бидат видени.
Ова може во поблиска иднина да се промени со користење на ултразвукот, технологија која што веќе одамна се користи за откривање на формата на објекти на недостапни места. Поточно, истражувачите од University of Bristol имаат развиено систем кој што овозможува креирање на објекти со користење на ултразвукот кои што можат да бидат допрени, односно оставаат чувство на допир на прстите.
Ова се постигнува преку насучување на ултрасоничните бранови на таков начин што тие креираат нарушување во воздухот. Брановите се емитираат од страна на звучници кои што се поставуваат од страните каде што треба да биде креиран објектот. Објектите може да бидат креирани во повеќе форми, а моментално затоа што се работи за звучни бранови, објектите не може да бидат видени.
Во видеото каде што е прикажан системот, се користи чинија со масло за да може да бидат видени формите кои што може да се креираат на овој начин. Идејата е да системот во иднина биде интегриран со холограмската технологија со што ќе се овозможи чувство на допир на прикажаните работи.
Потенцијалната примена на ваквата технологија е огромна. Таа може да најде примена во медицината каде што докторите ќе може да допрат одредени делови од скенирањата на делови од телото кои што изгледаат сомнително. Примена секако може да се најде и во виртуелната реалност, игрите и слично.