Поголемите ИТ компании се повеќе се насочуваат кон овозможување на корисниците да ја завршат нивната работа без притоа да им биде пречка платформата која што ја користат. Корисниците денеска ретко се случува да користат една платформа, па така ако го земеме мојот случај, јас користам Windows 8.1 на десктоп компјутерот, Ubuntu на лаптопот, Android на таблет компјутерот и Windows Phone на мобилниот телефон.
Овој начин на користење на технологијата прави ситуации каде што ќе се најдете во ситуација да на некој од уредите не можете да направите нешто поради тоа што е направено од некоја друга компанија. Ваквите ситуации прават да апликациите се најчесто достапни на повеќето платформи, а податоците се синхронизираат во облакот.
Google од оваа недела ќе им овозможи на корисниците на Gmail директно да можат да ги отворат и променат документите кои што ги добиваат во пораките во Office формат. Документите кои што се прикачени во пораката, сега имаат копче Edit со кое што тие се конвертираат во соодветните Google Docs фајл формати и се отвораат во Docs за да бидат променети, односно да работите на нив. Промените потоа може да бидат зачувани, а исто така достапни во облакот за користење од разни места, како и нивно споделување со други корисници.
Доколку корисниците сепак сакаат да работат со Office документи, па истите да ги зачуваат во оригиналниот фајл формат, од Google препорачуваат користење на Office Editing for Docs, Sheets & Slides додатокот за Chrome. Со овој додаток можете да работите со Office документи преку Google Docs и доколку немате инсталирано Office на вашиот компјутер, а потоа да ги зачувате во истиот формат.
Покрај оваа нова можност, додадени се 15 дополнителни Office формати, кои што поретко се користат, во поддршката за нивна промена преку Docs.