OCRIMG_3027-1024x682
The Specimen Box од Микрософт

Како што луѓето се` повеќе се сплотуваат со технологијата и нивните животи почнуваат да се „прелеваат“ во истата, исто така и модерното војување, измамите и други малициозни појави се` повеќе се префрлаат во дигиталниот свет. Често разни автори на црви и вируси успеваат да ги „зомбифицираат“ цели групи на компјутери кои припаѓаат на обичните корисници како би ја извршиле нивната цел – дополнително ширење на вирусот, извршување на DDoS напади и слично.

Ваквите зомби-компјутери кога работат заедно за иста цел и во одредена поврзаност се нарекуваат Botnet (роботска мрежа). Борбата против преземањето на контролата на вашиот компјутер е макотрпна и освен ако не сте спремни воопшто да го исклучите вашиот работен компјутер од Интернет, има добри шанси истиот да биде вклучен во еден таков Ботнет. Но некои поголеми технолошки играчи постојано работат на подобрување на безбедноста на комјутерите и блокирањето на ваквите појави.

Во таа смисла, Микрософт ја претстави својата најнова алатка во асортиманот за борба против ваквите појави – Specimen Box (кутија за примероци). Оваа алатка е спој на хардвер и софтвер кој овозможува да се следат Ботнет и други активности претставени во реално време во човековиот аудио-визуелен спектар за да може навремено да се реагира на нив.

На страната на хардверот тој е составен од гигантски екран осетлив на допир со кој може да се набљудува ситуацијата и да се управува приказот. На софтверската страна, се работи за систем кој има аудиторен и визуелен приказ на активностите на мрежата. Управувањето преку допир екранот е многу едноставно и слично како тоа што сме навикнати да го употребуваме при користењето на модерните паметни телефони и таблети. Може да се зумира, да се смрзне одреден сегмент па дури и да се одделат повеќе сегменти од мрежната активност посебно за да се анализираат во паралела. Аудио информациите кои доаѓаат од уредот се вградени со цел да помогнат на анализата која ја врши човекот бидејќи анализирањето само преку визуелното поле може да стане заморно и да не ги открие сите сомнителни детали.

Погледнете го видеото од The Office for Creative Research за работата со овој уред

Овој уред дефинитивно потсеќа на нешто што дошло од иднината, нешто налик системот на управување во филмот „Малцински извештај“. Не би не` зачудило ако почнат да се појавуваат повеќе вакви уреди насекаде по светот и кај обичните луѓе кои ќе им овозможат да управуваат со ресурсите кои ги имаат на располагање на едноставен и аудио-визуелен начин кој што ни е природен на нас. Ова особено што анализата на Botnet-овите и какви активности преземаат ќе стане есенцијално во следните неколку децении во кои, според мојата анализа, ќе „израсне“ генерална вештачка интелигенција токму од самиот Интернет и неговите автоматизирани сегменти (во кои влегуваат и овие зомбифицирани компјутери како и сите останати поврзани уреди).

Извор: Geek, The Office for Creative Research

Претходна статијаGoogle овозможи промена на Office фајлови директно од Gmail
Следна статијаMooney M10 – лесен двокрилен авион на дизел кој ќе се произведува во Кина