Shutterstock.com

Иако Apple отсекогаш имале одлични екрани кај своите уреди, сепак тие мораа да се префрлат на користење на OLED екрани, наместо LCD поради предностите кои ги нуди оваа технологија, а и конкуренцијата на пазарот.

Главен производител на пазарот за OLED екрани за мобилните е Samsung кои имаат одредена конкуренција од LG, меѓутоа сепак тие не успеваат да земат нешто посебен дел од „колачот“ на оваа корејска компанија.

Apple дел од своите OLED екрани ги набавува од LG, меѓутоа главниот добавувач е сепак Samsung. Поради поголемиот трошок за производство на OLED екраните, но и многу слабата конкуренција на Samsung, цената на овие екрани е прилично висока.

Според некои информации, само OLED екраните претставуваат околу 30% од трошоците на iPhone моделите кои ги имаат овие екрани. Кога ќе се земат во предвид маржите кои ги има Apple од еден iPhone телефон, можеби некој ќе се запраша дали овој трошок навистина е проблем, но како што е познато, трошоците секогаш се гледа да се намалат, дури и кога се прават огромни профити.

Поради оваа ситуација, има информации дека од Apple преговараат со кинеската компанија BOE Technology Group за набавка на OLED екрани од нив. Оваа компанија веќе е позната по тоа што ги произведува OLED екраните кај свитливиот Mate X од Huawei, а и соработува со Apple за LCD екрани.

Тоа што може дополнително да ја направи оваа компанија привлечна за соработка е и субвенционирањето кое го добива од кинеската влада, со што може да се очекува значително пониска цена за екраните во споредба со конкурентите.

Сепак, се верува дека на крајот Apple ќе се одлучи врз основа на квалитетот којшто ќе може да го добие, а не само цената, па во периодот што следи ќе се преговара со компанијата и ќе се тестираат нивните екрани.

Промената на добавувачот на екрани би се случила дури за моделите од идната година, што значи дека има доволно време за било каква одлука.

Секако, оваа информација може да се земе и како начин за подобрување на позицијата на Apple во преговорите со Samsung за цената на нивните OLED екрани, па верувам дека до идната година ќе има повеќе информации на оваа тема.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.