Некогаш се чини како Google да мора да направи мал „хаос“ од апликации, да претстави повеќе апликации за една намена, додека се реши за една од нив или некоја нова целосно го преземе главното место. Тоа најдобро можевме да го видиме со обидите на компанијата за претставување на решение за комуникација на корисниците.

Од идната недела, поточно вторник 22 мај, започнува со работа нов сервис и апликација од Google. Наречен е YouTube Music и е замислен да биде главниот сервис за слушање на музика од Google. Тоа значи дека со тек на време Google Play Music ќе престане со работа, меѓутоа не е најавено кога тоа ќе се случи.

Предноста на YouTube Music е што покрај можноста за слушање на музика, корисниците добиваат можност да ги гледаат и видеата од тоа што го слушаат. Покрај тоа, YouTube е познат по огромен избор на дополнителна содржина, покрај официјалните видео спотови и музика. Од компанијата ова го истакнуваат и како една од главните предности на сервисот во споредба со конкуренцијата.

YouTube Music ќе биде бесплатен сервис, меѓутоа сите кои сериозно ќе сакаат да го користат ќе сакаат да го платат YouTube Music Premium сервисот. Истиот чини 9,99 долари месечно, исто колку што сега чини Play Music и на корисниците ќе им овозможи тргање на рекламите, можност за слушање на музика во позадина, како и симнување на содржина.

Сите претплатници на Play Music автоматски добиваат пристап до YouTube Music Premium. Работата е само што овој нов сервис не станува достапен веднаш во сите земји каде е достапен Play Music. Тоа значи дека во периодот што следи, корисниците на Play Music од нашата земја на пример, ќе мора да продолжат со овој сервис додека YouTube Music целосно го замени, односно стане достапен во целиот свет.

Покрај YouTube Music, Google претстави и замена за YouTube Red сервисот, наречен YouTube Premium. Тој ќе чини 11,99 долари и покрај работите од YouTube Music, на корисниците ќе им овозможи и пристап до оригиналната содржина достапна на YouTube како што се одредени серии и филмови. Овој сервис е достапен само во ограничен број на земји.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаMicrosoft го претстави Surface Hub 2 – нова генерација од 50 инчниот екран наменет за компаниите
Следна статијаКомпанијата Ticketmaster почнува да користи препознавање на лицата наместо карти за влез на настани
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.