На својата Google I/O конференција која што се одржува оваа недела, Google ја претстави неофицијално најавуваната Photos апликација. Истата сега е издвоена од Google+ мрежата од која што беше дел, па прераснува во целосно независен сервис наменет за чување, менаџирање и споделување на слики.

Google Photos е достапна како апликација за Android и iOS, а исто така до сликите може да се пристапи и на веб преку https://photos.google.com/ со вклучени сите функции од апликациите.

Како што би очекувале, Google Photos автоматски ги качува сите слики и видеа од сите ваши уреди во облакот за лесен пристап од било каде. За нивно прикачување достапен е неограничен простор, но само за слики до 16 мегапиксели и видеа до 1080p резолуција. Доколку слика или видео е со поголема резолуција, истата ќе биде компресирана за да биде зачувана.

Доколку сепак би сакале тие да бидат зачувани во оригиналниот формат, тогаш ќе бидат зачувани во рамките на просторот кој што го имате на Google Drive. Во самата апликација додадена е можност за избор на чување на сликите и видеата, во нивната оригинална форма во Google Drive или компресирана со неограничен простор за складирање.

Покрај оваа основна функција која што би ја очекувале, Google Photos се истакнува и со своите можности за прикажување, пребарување и споделување на сликите. Она што е можеби и најинтересно, иако не е недостапно на другите платформи, е можноста за пребарување на сликите според нивната содржина.

Тоа значи дека нема потреба од зачувување на сликите во посебни албуми или нивно означување. Алгоритамот на Google има способност да ги препознае лицата, предметите и локациите на сликите, па нивното пребарување да се прави врз основа на тие параметри.

На пример, минатото лето сте биле на одмор во Грција, па би сакале да го покажете местото на вашите пријатели, а и да видите дали повторно да одите на истото место. Во пребарувањето можете да напишете дека сакате да ви бидат прикажани слики од плажа од минатото лето, по што истите ќе бидат пронајдени.

Google Photos се разбира ја нуди и можноста за средување на изгледот на сликите преку неколку понудени параметри и филтри, а тука е и автоматското разубавување.

assistant-2

Интересна функција на Google Photos е таа наречена Assistant. Овој таканаречен асистент ви прикажува предлог од албуми, видеа, анимации и слично од сликите кои што ги имате зачувано во изминатиот период. Истите можете да изберете да ги зачувате во таа форма, да ги споделите или едноставно да не ги земете во предвид. Со други зборови се работи за еден вид на тајмлајн на активностите во периодот, интересно организирани за прикажување.

Споделувањето на сликите треба исто така да биде едноставно. Луѓето на кои што би им испратиле линк до слика или повеќе слики, нема потреба да се корисници на Google Photos. Тие ќе добијат линк до посебна страна на која што ќе можат да ги погледнат или симнат со нив споделените слики.

Извор: Google

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.