Оваа година се погоди да повеќе ги тестираме телефоните од највисоката и средно високата класа, па како да заборавивме колку се има подобрено понудата на пазарот од пониските класи. Huawei како едни од најпознатите и најпопуларни производители на пазарот, секако има што да понуди во оваа категорија, па мило ни е што на тест го добивме одличниот P smart 2021.

Huawei P smart 2021 може да се стави некаде во средната класа, иако цената е многу повеќе пристапна. Сепак, како што е познато за овој производител, не може да се цени производот само по неговата цена, па P smart 2021 донесува одлични карактеристики за цена од околу 12.000 денари, без договор кај некој од операторите, секако.

Телефонот доаѓа со „удобна“ големина, односно димензии и чувство при држење, заедно со тежината на уредот. Тоа значи дека работата со овој телефон е задоволство, не тежи повеќе, а исто така не се добива лесен, поевтин впечаток.

Huawei со овој телефон става акцент на неколку карактеристики, па се решивме токму нив да ги ставиме на тест, односно да видиме какви се и дали од компанијата се во право што се решиле да играат на таа „карта“.

Првата карактеристика е се подобрата продавница за апликации од Huawei, AppGallery. Huawei мораше да го забрза развојот на својата продавница и сервиси поради губењето на пристап до тие од Google, па не смееше да се остави многу простор за сомневање од страна на корисниците дали сега веќе вреди да се купи телефон од овој бренд.

Нашиот заклучок е дека достапноста на апликациите е доста променета од последниот пат кога тестиравме телефон од Huawei. Достапни се многу повеќе апликации од тие кои ги користиме, а посебно се истакнува достапноста на македонски апликации, како AirCare, Neptun, MojDDV, Mojot A1, Telekom MK, тука се апликациите од неколку банки и слични.

Искуството со Huawei P smart 2021 покажа дека едно станува полека јасно, проблем со апликации како корисник нема да имате. За неколку од познатите апликации кои сепак ги нема во AppGallery, достапни се едноставни начини како ти да се инсталираат со симнување на нивната .apk датотека.

Huawei P smart 2021 доаѓа со одлични камери, а посебно со оглед на цената на овој уред. На задната страна, во супер дизајниран модул, поставени се дури 4 камери. Тие вклучуваат сензори со 48, 8, 2 и 2 мегапиксели, со одлична можност за сликање во темни услови, како и сликање со широк агол. На предната страна во мала дупка е поставена камера со 8 мегапиксели која е тука за неизбежните селфи слики.

Huawei одамна се познати по камерите во нивните телефони, а тоа не е само поради хардверот кој го користат, односно леќите на камерите. Тука е и софтверот, односно вештачката интелигенција која направи огромна разлика во квалитетот на сликите од мобилните уреди, а Huawei слободно може да се наречат предводници во оваа област.

Сликите кои ќе ги добиете со овој уред се како што би очекувале кога купувате Huawei, иако не се работи за уред од највисоката класа.

Покрај камерата, една од главните предности кај Huawei P smart 2021 е батеријата која има одличен капацитет од 5.000 mAh. Вака голема батерија секогаш оди одлично во комбинација со уредите од пониските класи. Послабиот процесор, како и резолуцијата на екранот која не надминува Full HD, прави да една ваква батерија им овозможи на корисниците и два дена на користење без проблем или еден цел ден на тие кои не престануваат да го „чепкаат“ мобилниот.

Процесорот на кој работи P smart 2021 е Kirin 710A, осум јадрен процесор, помогнат од 4GB RAM и 128GB простор за податоците. Графичкиот процесор е Mali-G51, а секако никој не очекува да уредите од оваа класа можат да ги пуштат сите достапни игри без никаков проблем.

Работата со Huawei P smart 2021 е одлична, дури и за корисници како нас кои сме научени да во главно работиме со некој од уредите од највисоката класа. Секако тука се некои од очекуваните помали перформанси, но кога за уред нема да дадете 1.000 евра, се што не влегува во категоријата на кочење, не претставува никаков проблем.

Можеме да заклучиме дека Huawei со P smart 2021 продолжува со претставувањето на одлични уреди од сите категории, со што корисниците имаат одличен избор соодветно на парите кои се спремни да ги потрошат. Оваа категорија не е без многу конкуренција како што беше едно време, па и претставувањето на привлечен уред кој се истакнува на пазарот, веќе не е толку едноставно.

Претходна статијаМакпетрол: Користењето на мобилен телефон сѐ почеста причина за сообраќајни несреќи
Следна статијаМоќта на Facebook и монополската позиција која наводно ја има, може да доведе до нејзина поделба
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.