Моментално најдоброто од Huawei, P40 Pro, е телефон од највисоката класа, па очекувањата за неговата работа се соодветно поставени, а тука е секако и очекувањето од самиот бренд кој не разочарува со своите производи.

Веруваме дека овој телефон ќе го користат корисници кои сакаат да бидат сигурни дека се што треба да го направат ќе го направат веднаш, без чекање, без „сецкање“, без помислата, ми треба нов телефон. Тука е и камерата на P40 Pro која овие корисници знаат дека не може да ги разочара, па останува само како комбинацијата од софтверот, начинот на користење и батеријата, ќе овозможат поретка посета на полначот.

Телефонот го имаме на користење веќе долго време, па овие делови од корисничкото искуство ги ставивме на тест и веднаш би истакнале дека разочарани не бевме. Работата со Huawei P40 Pro е без забелешки, се што сакаме да го направиме се прави веднаш и без проблеми, а чувството при работа е соодветно со класата на телефонот и очекувањата од оптимизацијата на UMUI 10.1.

Карактеристики

Huawei P40 Pro работи на Kirin 990 чипсетот којшто е изработен во 7 нанометарска технологија и вклучува осум јадрен процесор. Процесорот работи поделен на 2 јадра кои работат на 2,86 GhHz, две јадра на 2,36 GHz и четири јадра на 1,95 GHz. Графичкиот процесор е Mali-G76.

Како што може да се види, процесорот е направен за да може да ги задоволи сите видови на користење на телефонот, без потреба од трошење на повеќе непотребна енергија.

RAM меморијата кај телефонот е со 8 GB, а нашиот модел има простор за податоци од 256 GB UFS 3.0, што значи може да се очекуваат одлични перформанси кога е во прашање запишувањето и читањето на податоците.

Батеријата на P40 Pro е со капацитет од 4.200 mAh и може да се полни брзо со 40W полнач, што веднаш е јасно дека може да се очекуваат прилично кратко време поминато со кабелот во телефонот. Безжичното полнење на уредот е со 27W, а исто толку е и „обратното“ полнење, односно полнењето безжично на други уреди со поставување на самиот телефон.

Отклучувањето на телефонот е со оптичкиот сензор за отпечатоци под екранот, а исто така е достапно и препознавање на лицето преку ToD сензорот на предната страна кој се користи и за ефекти при сликање.

Отклучување на телефонот

За отклучување на телефонот P40 Pro доаѓа со две биометриски можности, а тие може да се користат во исто време. Едната можност е да се користи сензорот за отпечатоци кој е под екранот. Овој сензор користи оптичка технологија, што мора да истакнеме дека важи за нешто помалку безбеден од сензорите кои користат ултразвучна технологија, но затоа е доста побрз, а отклучувањето е скоро инстантно.

Сепак, мали се шансите некој да може да го отклучи вашиот телефон, а некој специјално да се обиде да го излаже сензорот, како што прават на многу тестови, реално не е нешто што може да ви се случи.

Отклучувањето се прави на посебен дел од екранот којшто е означен секогаш кога сакате да го отклучите телефон. Брзината е доволно голема да нема ни да забележите дека нешто треба да направите за да се отклучи телефонот.

Вториот начин на отклучување на телефонот, ако не сакате да го поставувате прстот на екранот е преку скенирање на лицето. Предниот ToF сензор се користи за одредување на 3D слика од лицето, нешто слично како FaceID кај Apple.

Отклучувањето на телефонот на овој начин е уште побрзо од сензорот за отпечатоци. Посебно ако во прилагодувањата изберете да по отклучувањето веднаш се прикаже главниот екран, првпат кога ќе го наместите овој начин, ќе мислите дека тој не е вклучен, а телефонот е оставен отклучен, толку е брзо.

Наш предлог е да ги користите двата достапни биометриски системи, а во прилагодувањата може да изберете за што да може да се користат, за дополнителна безбедност. На тој начин ќе можете да го отклучите телефонот на начинот којшто во моментот ви одговара најмногу, а и ако некогаш се случи да едниот не го отклучи телефонот во тој момент, можете веднаш вториот начин да го употребите.

Полнење и траење на батеријата

Huawei P40 Pro доаѓа со батерија со повеќе од солиден капацитет од 4.200 mAh. Главната карактеристика која го прави овој телефон посебно погоден за користење кога е во прашање батеријата е супер брзото полнење со 40W. Тоа значи дека без разлика колку често би го полнеле телефонот, зависно од вашиот стил на користење, P40 Pro нема долго да биде поврзан на полначот.

Од нашето искуство, кога ви е потребно полнење, но сепак се брзате, 15-20 минути успеваат да го наполнат телефонот доволно за да немате проблем кога ќе излезете. Зависно на кое ниво била батеријата, за кратко време без проблем ќе можете да надополните од 40 до 60% од неа, а 30 минути овозможуваат и скоро целосно полнење на телефонот, односно 80%.

Иако стилот на користење на корисниците е доволно различен да не може да се однесе генерален заклучок, сепак, уредите од Huawei секогаш биле познати по подобро траење на батеријата. Тоа се должи на добрата оптимизација на софтверот, EMUI иако е на основа на Android, Huawei прави прилично големи промени.

Кога на почеток телефонот цело време го користевме, P40 Pro успеваше да го издржи целиот ден, а го полневме навечер само поради тоа да наредниот ден можеме слободно да продолжиме да го користиме.

Телефонот исто така може да се остави на полначот цела вечер, а паметното полнење ќе го прилагоди начинот на којшто се полни батеријата, односно ќе го забави, а целосно ќе ја наполни батеријата во утрото.

Целта на овој начин на полнење е да се продолжи векот на батеријата кој се скратува ако таа се остава на полначот и по достигнување на 100%. Затоа се препорачува телефонот дури да се полни и почесто, отколку да се остава подолго време приклучен на полначот.

Заклучокот е дека P40 Pro е телефон кој нема да го полните повеќе пати во текот на денот, а тој без проблем ќе може да издржи до наредниот ден. Секако, ако сте корисник кој често гледа видео содржина, игра игри и слично, ќе треба да го дополните при крајот на денот.

Huawei P40 Pro доаѓа и со можност за безжично полнење со 27W. Иако во споредба со кабелот од 40W ова делува бавно, сепак ако се спореди и со стандардното полнење на доста конкуренти, ова е доста брзо.

Си истиот капацитет може да се полнат и други уреди со нивно поставување на задната страна од P40 Pro. Ова е одлична функција кога ви треба дополнување на вашите безжични слушалки и паметен часовник, а секако може да им се најдете и на пријателите чии телефон поддржува безжично полнење.

Светлина и бои на екранот

Ако некогаш сте користеле или барем пробале телефон од Huawei, знаете дека овие телефони ги имаат едни од подобри екрани на пазарот. Тоа воопшто не треба да биде чудно, сепак, местото на пазарот не се достигнува само со ниски цени.

Светлината од екранот на P40 Pro е доволна за да можете да го користите телефонот во секакви услови. Максималното ниво на светлина се добива кога ќе се стави телефонот автоматски да ја прилагодува.

P40 Pro не може да се каже дека го има еден од најсветлите екрани, дури и во споредба со други модели од Huawei, но сепак, квалитетот на екранот не може да се цени само од светлината, а истата не е слаба кај телефонот.

Боите кај P40 Pro се добро прикажани, пријатни и со голема точност. На корисникот останува од двата режими, кој повеќе му се допаѓа. Vivid и Normal се двата избори, а иако на прв поглед Vivid делува како подобриот избор, од наше искуство Normal режимот секогаш дава поприродни бои и е попријатен за очите долгорочно.

Звук, музика и видео

За жал, P40 Pro има само еден звучник на долната страна, па не ја користи и „слушалката“ како втор звучник. Иако не секогаш тоа е гаранција за подобар звук, имаме користено телефони со два звучници, па звукот не бил ништо посебно добар.

Звукот на P40 Pro би го означиле како задоволителен. Кога се работи за еден звучник на долната страна и не може да се очекуваат големи работи. Кога е во прашање гледање на цел филм или слушање музика, секако препорачуваме користење на слушалки, но ако се работи за гледање на кратки „клипчиња“ и слично, звукот е одличен, јасен и без проблеми ги пренесува потребните работи.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Карактеристики
Брзина на работа
Отклучување
Екран
Претходна статијаWizz Air објави 30% попуст на сите билети до сите дестинации
Следна статијаMac компјутери со чипови од Apple може да се очекуваат до крајот на оваа година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
huawei-p40-pro-performansi-i-rabota-so-emiu-i-android-10Huawei P40 Pro во секојдневното користење се покажа онака како и што очекувавме со оглед на производителот, а и класата на уредот. Нема дел од телефонот од којшто не бевме задоволни, иако секогаш има простор за подобрување.