hololens-space

Супер популарниот астронаут Скот Кели, кој помина 340 дена на Интернационалната Вселенска Станица (ни од далеку најдолго, Русите се тука рекордери), беше еден од првите кој имаше можност да го тестира уредот за изменета реалност на Microsoft и тоа како што наликува за таква Sci-Fi технологијата – во Вселената.

За HoloLens, брзо по доаѓањето Кели изјави: „Мислам дека изменетата реалност има многу голем потенцијал. HoloLens работеше одлично. Бев навистина изненаден. Играв со него околу два часа и веднаш почувствував дека има можности кои можеме да го користиме веднаш“.

И навистина, кога ќе се размисли, HoloLens би можел и тоа како да им помогне на астронаутите во Вселената. Прво, бидејќи се прилично осамени, секогаш добро би им дошло да може да се релаксираат со еден ваков уред, но веројатно многу поважно, бидејќи HoloLens функционира заедно со околината, тој би можел да им помогне за полесно да совладаат некои од проблемите.

На пример, доколку треба да се поправи нешто или пак да се вгради нова опрема, инструкциите за тоа може да им ги покаже базата од земјата преку HoloLens, директно на местото каде треба да се работи. Вакви можности видовме на една презентација на уредот од Microsoft, каде преку интернет, еден корисник му објаснуваше на друг како да го поправи својот водовод…

Кели изјави и дека оваа технологија би можела да биде и многу корисна на земјата, но да бидеме реални, корисниците главно би го користеле HoloLens за играње игри и следење на социјалните медиуми, односно гледање филмови – исто како и играта која ја играл астронаутот на Интернационалната Вселенска Станица, во која тие биле „нападнати“ од вонземјани.

На крај Кели изјави дека користењето на HoloLens во Вселената, каде нема гравитација (пардон, има микрогравитација, но таа е незабележлива) не правело астронаутите да се чувствуваат дезориентирано во просторот, иако таму нема ни горе ни доле.

Извор: Mashable, The Verge, Windows Central

Претходна статијаУште една дата и надеж за достапноста на Windows 10 Mobile
Следна статијаСтартап работилница со ко-основачот на StartUp Weekend Franck Nouyrigat