keylink-launch

Motorola денеска претстави малку нестандарден производ, наменет за оние корисниците кои што често им се случува да не можат да се сетат каде ги имаат оставено своите клучеви или мобилниот телефон. Motorola на својата страна каде што го претставува уредот, го истакнува губењето на мобилниот телефон повеќе од клучевите, меѓутоа тоа зависи од корисникот. Мене лично многу ретко ми се случува да не можам да се сетам каде ги имам оставено овие работи, па не би имал некоја посебна корист од ваков уред, но не знам за вас.

Се работи за мал уред кој што се поврзува со вашиот мобилен телефон преку Bluetooth, а може да се постави на вашите клучеви како привезок. Со поврзувањето со мобилниот телефон за кој што доаѓа соодветна апликација, можете да ги наоѓате уредите на растојание до 30 метри. Апликацијата е достапна за корисниците на двете најкористени платформи, односно Android и iOS.

Начинот на кој што функционира овој уред е едноставен и сигурно веќе ви е јасно. Доколку мобилниот телефон не можете да го најдете, притискате на копчето на уредот и телефонот почнува да ѕвони и обратно. Доколку не можете да ги најдете вашите клучеви преку апликацијата можете да вклучите звук кој што треба да ви помогне да ги лоцирате, со надеж дека сепак ги имате изгубено во вашиот дом, а не некаде надвор.

Уште една интересна можност која што ја нуди овој уред е користењето како Smart Lock уред за вашиот телефон доколку работи на најновата верзија од Android, односно 5.0 Lollipop. Оваа функција ви овозможува да телефонот секогаш е отклучен кога се наоѓа во близина на некој уред кој што го имате поврзано и назначено како сигурен уред. Се мисли за отклучување на уредот доколку имате наместено тој да се заклучува со шифра, отисок од прст или некој друг начин, односно не се мисли на обично отклучување кое што се прави со повлекување на прстот.

Motorola Keylink ќе се продава по цена од 25 долари, но колку што видов, барем за сега, не може да се нарача во нашата земја преку официјалната страна.

Извор: Motorola, Engadget

Претходна статијаНа каква технолошка „диета“ се децата на директорите на технолошките компании
Следна статијаE-Ink часовник кој што го менува својот изглед
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.