download

Во современиот свет, интернетот е алатката која станува секојдневие од кое не можеме да се одвоиме. Децата го гледаат тоа и го прифаќаат како позитивна пракса. Факт е дека технологијата станува се поприсутна во нашето секојдневно живеење, па така неизбежна е интеракцијата на децата со дигиталните уреди.

Родителската грижа за иднината на децата постоела и пред брзиот развој на технологијата. Најчести причини за родителската грижа во однос на тоа како нивните деца го користат интернетот се: несоодветна содржина (порнографија), контакт со врсници кои сакаат да им напакостат како и создавање зависност од која патат многу адолесценти и возрасни луѓе.

Сепак, повеќе извршни менаџери на технолошки компании, употребуваат неконвенционални методи кога станува збор за користењето на технолошките уреди и интернетот од страна на нивните деца. Што е (на прв поглед) зачудувачки, повеќе од нив ги охрабруваат нивните деца да НЕ користат технологија во нивните животи, или ограничено да го прават истото.

Steve Jobs, ко-основач и извршен директор на Apple Inc. своевремено изјави дека заедно со сопругата „го ограничуваме времето за користење на технолошки уреди од страна на децата, во текот на денот”. Џобс инсистирал секоја вечер, за време на вечерата, да се дискутира за книги, историја и други теми. Кај нивните деца воопшто немало збор за некаква зависност од уредите кои ги произведува Apple.

Ali Partovi, основач на Dropbox, пак, зазема интересен став според кој ги поттикнува своите деца да бидат креатори, а не конзументи на содржина „Никогаш не би и го ограничил времето поминато пред екран на својата ќерка додека таа креира дигитална уметност, монтира видео или пак програмира, исто како што не би и го ограничил времето поминато со четки за боење, свирење на пијано или пишување.

Dick Costolo, извршен директор на Twitter, им дозволува на своите деца неограничено користење на уреди, под услов тие да се во дневната соба „Кога студирав на Универзитетот Мичиген, имаше едно момче што живееше во соседната соба, полна со Кока-Кола и други газирани појалоци. Подоцна дознав дека, додека бил дете, родителите му забранувале конзумирање на било какви газирани пијалоци.

Bill Gates преку својата фондација донираше милиони долари во имплементирање на Common Core стандардизирани тестови за математика и јазичните науки во студиските програми на јавните училишта во САД. И покрај тоа, неговите деца посетуваат приватно елитно училиште каде што овој стандард не е прифатен како дел од студиската програма.

Во 2011 година пак, во статија во Њујорк Тајмс, беше откриено дека елитните училишта каде што вработените и сопствениците на најголемите компании во Силиконската долина (Google, Yahoo, Apple и др.) ги запишуваат своите деца, воопшто не користат, и дури ја обесхрабруваат употребата на технологијата во изучувањето, додека се на училиште, а и кога се дома.

Причините поради кои што технолошките иноватори ги поттикнуваат своите деца што повеќе да ја намалат употребата на технологија уште од нивната рана возраст, може да бидат многубројни. Една веројатност е дека истото го прават од грижа за здравјето на своите деца, како и многу други родители. Како поткрепа на оваа грижа служат истражувата кои покажаа дека претераната употреба на технолошки гаџети може да доведе до аутизам и ADD (attention deficit disorder). Добро е познато дека зрачењето од ЛЦД екраните може да наштетат на видот, а исто така го нарушуваат и длабокиот сон кај децата, со тоа што го ограничуваат лачењето на хормонот за спиење, мелатонин, преку емитување на „плава светлина“.

Што можеме да научиме од начинот на кој што тие се справуваат со своите деца кога станува збор за начинот на кој тие ја поттикнуваат, или обесхрабруваат употребата на технологија во нивното секојдневие? Според мене, стратешката употреба на ваквите алатки, и избегнување на претерана конзумпција на дигитални содржини на рана возраст може да доведе до подобро развивање на вештините за решавање на проблеми и претприемачки дух. Преоптоварувањето со информации пак, може да предизвика когнитивна дисонанца, и пасивност или апатија во нивното секојдневие.

Дополнително, насочувањето кон креирање, а не бескрајно конзумирање на различни (аудио, видео и текстуални) содржини доведува до создавање на иноватори и лидери, а не следбеници. На овој начин, ставајќи ги дигиталните уреди во рацете на нашите деца, со доза на претпазливост, им дозволуваме да прераснат во „дигитални граѓани”, кои ќе бидат подготвени да се справат со предизвиците на иднината што ги очекува.

Претходна статијаSmart Home Kit на LittleBits – чекор кон автоматизација на секојдневните активности
Следна статијаMotorola го претстави Keylink, привезок за наоѓање на вашите клучеви или мобилен телефон