Остана уште еден уред кој Microsoft го претстави вчера на нивниот Surface настан, а тоа се безжичните слушалки Surface Earbuds. Со оглед на популарноста на ваквите слушалки кои скоро сите големи производители на мобилни ги имаат, не е чудно што и Microsoft реши да претстави такви, за разлика од ланските стандардни слушалки.
Surface Earbuds ќе се разликуваат од останатите по нивниот дизајн. Наместо да се обидат да слушалките што помалку се гледаат, од Microsoft се имаат решено тие да имаат прилично голем „круг“ на надворешната, видлива страна.
Ова, покрај тоа што им дава специфичен и препознатлив изглед, ќе овозможи и контрола на одредени активности преку допир. Па така, Surface Earbuds ќе овозможат менување на музиката или одговарање на повици со еден или повеќе допири, а разликата од конкурентните вакви слушалки е можноста за директно отворање на Spotify со три допири на било која слушалка.
Покрај ова, Surface Earbuds ќе бидат поврзани и со Office 365, па корисниците ќе можат да ги користат овие слушалки за пристап до закажаните активности на календарот и имејловите, а ќе може да се слушаат и преводи и говори од презентации на PowerPoint.
Како што е случајот со сличните производи од Apple, Samsung и други, Surface Earbuds ќе дојдат во посебна кутија која во исто време ќе ги полни, со што се добива вкупно траење на батеријата од 24 часа.
Од Microsoft сметаат дека имаат посебен производ во Surface Earbuds, па ќе ги продаваат по прилично висока цена од 250 долари.