На Surface настанот којшто Microsoft го одржа вчера, покрај новата генерација од Surface Pro серијата, ја претстави и новата, поточно третата генерација од Surface Laptop. За разлика од Surface Pro 7, кој беше „најдосадниот“ производ кој беше претставен вчера, со само надградба од ланскиот модел, Surface Laptop 3 добива новини кои го прават овој уред попривлечен за корисниците.

Surface Laptop серијата беше претставена по Surface Book која е прилично скапа и доаѓа со подобри перформанси, како и екран којшто може да се извади од долниот дел од лаптопот и да се користи како таблет.

Оваа серија со годинешната надградба дефинитивно станува попривлечна, па корисниците кои не работат со продукција на видео или кои не го користат својот лаптоп за играње на игри, добиваат одличен избор.

Surface Laptop 3 доаѓа со две големини оваа година, односно ланската 13 инчна и новата 15 инчна верзија.

Иако и 13 инчната верзија заслужува внимание со вклучувањето на најновите Intel процесори од десеттата генерација, USB Type-C приклучок, екран на допир и одличен избор на изработки и бои, сепак 15 инчната верзија е таа за која повеќе ќе се зборува.

Причината за тоа е што Microsoft првпат се решава да вгради процесор од AMD, кои се враќаат на пазарот и му прават одлична конкуренција на Intel. Процесорот којшто е вграден во Surface Laptop 3 15 инчи е наречен AMD Ryzen Microsoft Surface Edition.

Се работи за 4 јадрен процесор кој може да биде засилен до 4GHz и работи на 15W, а сите карактеристики на чипот можете да ги видите на посебната страна за него на AMD.

Двата модели овозможуваат и брзо полнење кое обично го гледаме кај мобилните уреди. Па така, Surface Laptop 3 има батерија која треба да издржи во поголемиот дел од денот, а кога ќе треба повторно да се наполни, 80% од капацитетот може да се наполни за помалку од час.

Претходна статијаSurface Pro 7 донесува USB Type-C и понова генерација на процесори
Следна статијаMicrosoft Surface Pro X е потенок Surface Pro кој работи на ARM процесор обично користен кај мобилните уреди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.