Surface Book, лаптопот под одличниот и успешен Surface бренд, Microsoft за првпат го претстави пред две години. Слободно може да се каже дека овој лаптоп постави нови стандарди на пазарот.

За разлика од Surface таблет компјутерите кои може да се користат и како лаптоп, Surface Book е лаптоп којшто може да се користи, до некаде барем, како таблет. За трансформација се користи сега веќе познатиот „hinge“ којшто го ослободува екранот и овозможува користење без тастатурата.

Surface Book 2 е името на наследникот, а оваа година тој доаѓа со дополнителна верзија со 15 инчен екран. Од Microsoft истакнуваат дека новиот Surface Book е до 5 пати помоќен од претходната верзија, а исто така до 2 пати помоќен од најновиот MacBook Pro.

Опремен со најновата генерација на Intel процесори, како и NVIDIA GeForce GTX 1050 и 1060 графика, новата генерација на Surface Laptop се гледа дека е наменета како замена за десктоп компјутерите.

Со воведувањето на дополнителна големина на екранот, Microsoft го прави овој лаптоп подостапен за поголем број на корисници кои можеби сметаа дека 13 инчи не се доволни за нивните потреби.

Кога ќе се земат во предвид можностите на Surface Book 2, се гледа дека тој е наменет за напредните корисници, а тоа дефинитивно може да се поврзе и со насоката во која што Microsoft го носи Windows 10 со таканаречената Creators Update, сега достапна и во есенска верзија.

Surface Book 2 ќе почне да се продава од идниот месец и како и неговиот претходник ќе има висока стартна цена. Со оглед на фактот што овој лаптоп е конкуренција на MacBook Pro, јасно е уште од минатиот модел дека не е наменет за обичниот корисник кој не сака да потроши многу пари, а и не му се потребни толку моќни компоненти и дополнителни можности.

Извор: Microsoft, Engadget, Wired

Претходна статијаКорисниците од САД сега може да нарачуваат храна преку Facebook
Следна статијаПарк Хотел и Спа, прв хотел со електричен полнач во Македонија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.