Microsoft

Microsoft вчера го одржа нивниот Surface настана во Њујорк, па иако имаше шпекулации за одредени нестандардни уреди, сепак настанот генерално може да се каже дека беше позитивно изненадување и не помина само со претставување на нови обични надградби на ланските Surface уреди.

Главното изненадување на настанот секако беше најавата на нов смартфон кој овој пат од компанијата се решија да работи на Android. Тоа сигурно ќе ги зголеми значително шансите на мобилните обиди на Microsoft да успеат, а на тоа треба да се додаде и дизајнот на уредот со два екрани, кои се прилично тенки и одлично ја вклопуваат работата со повеќе апликации.

Surface Duo ќе биде името на уредот, а ќе биде официјално претставен дури идната година, па можеме да очекуваме и одредени промени.

Уште еден уред беше претставен со двоен екран, односно со истиот стил и начин на работа, но овој е поголем и работи на посебно прилагодената верзија од Windows, Windows 10 X. Уредот е наречен Surface Neo и тој ќе биде достапен дури идната година.

Microsoft Surface Neo целосно го менува начинот и можностите на работа со еден уред. Двата екрани споени со мала шарка, овозможуваат многу повеќе начини на користење на уредот, од таблет, до лаптоп.

https://youtu.be/fssZICsV4Rg

Исто така големо внимание на настанот привлече и Surface Pro X, кој за разлика од тие со двоен екран, ќе биде достапен од оваа година. Главната карактеристика на овој уред е што тој работи на мобилниот чип развиен со Qualcomm, SQ1, па на корисниците ќе им овозможи подолга работа, константна поврзаност, а на крајот и значително потенок уред кој изгледа одлично.

Surface Laptop 3 доби надградба од ланскиот модел, но надградба која исто така привлекува посебно внимание. Верзијата која беше достапна и досега, со 13 инчен екран, добива USB Type-C приклучок, екран на допир, ќе работи на десеттата генерација на Intel процесорите, а ќе има и брзо полнење.

Сепак, новина е претставувањето на нова верзија со 15 инчен екран која ќе работи на посебно прилагоден AMD Ryzen процесор, наречен AMD Ryzen Microsoft Surface Edition.

Најмало внимание привлече Surface Pro 7 кој иако е одличен уред, не доби ништо посебно ново за разлика од ланскиот модел, покрај USB Type-C приклучокот. Овој уред во главно добива надградба која ќе му овозможи да може да се користи и наредните година дена, со новата генерација на Intel процесори.

Последниот производ којшто останува од вчера се безжичните слушалки Surface Earbuds. Тие имаат карактеристичен и впечатлив дизајн, односно надворешната страна им е еден голем кружен простор на кој корисниците ќе допираат за различни команди.

Овие слушалки се истакнуваат и по тоа што ќе имаат посебна интеграција со Office 365.

За да не го гледате целиот настан којшто траеше повеќе од 1 час, а ако сакате да видите се што Microsoft презентира вчера, можете да го погледнете ова одлично видео сумирање на настанот во 11 минути од The Verge.

Претходна статијаMicrosoft ги претстави Surface Earbuds со впечатлив кружен дизајн и можност за работа со Office 365
Следна статијаМакедонија ја прославува Светската недела на вселената
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.