Windows Central

Windows 10 X за првпат беше прикажан, а и со тоа се потврдија шпекулациите за уште една Windows 10 верзија, за време на презентацијата на Surface Neo, уредот со два екрани кој треба да почне со продажба дури при крајот на идната година.

Microsoft за време на презентацијата на Surface Neo не обрна многу внимание на Windows 10 X, покрај тоа што го објави неговото име, па останаа доста прашања за кои сигурно нема да треба да чекаме до идната година.

Овој оперативен систем беше првично најавен дека е развиен за уредите со двоен екран, односно за уредите со екрани на превиткување понатаму, меѓутоа според информациите тоа изгледа нема да биде случајот.

Според документи кои се за внатрешна употреба на Microsoft, подоцна повлечени од интернет страната на која биле достапни, Windows 10 X изгледа се планира да се користи и на обичните лаптоп компјутер, а со тоа се поставува и прашањето дали ова е во основа наредната верзија од Windows 10, односно дали сите уреди во иднина ќе работат на неа.

Покрај оваа информација, во документите беа достапни и уште неколку кои ни ги даваат првите детали за тоа каков ќе биде овој оперативен систем и какви карактеристики ќе има.

Јасно е дека плочките во Старт Менито не поминаа добро кај корисниците, а од Microsoft не се потрудија тоа да го променат. Поради тоа Windows 10 X нема ни да ги има овие плочки, па Старт Менито ќе функционира само со икони и со изменет концепт.

Како прво, менито изгледа веќе нема да се вика Старт, туку „Launcher“, што според мене е малку чудно, без разлика на формата, мислам дека Старт Менито е доволно познато, но сепак можеби за новите уреди и генерации тоа не се смета за доволно.

Исто така, на менито покрај апликациите ќе биде поставена лента за пребарување, која покрај со локалните апликации, ќе работи и онлајн, а ќе бидат прикажани и предлог апликации и датотеки, зависно од работата на корисникот.

Промени ќе има и во центарот за известувања, кој ќе има нешто поразличен дизајн, а и ќе бидат издвоени известувањата, од контролите за уредот.

Генерално од достапните слики може да се види дека целиот оперативен систем има поголема и подобра имплементација на Fluent дизајн, нешто што е застанато во Windows 10, што според мене е уште еден показател дека во иднина ова може да биде единствената Windows верзија која ќе се развива и користи.

Во документацијата се споменува и нов File Explorer, нешто што дамна се најавува, а и се бара од корисниците, со оглед на модерниот начин на користење на оваа апликација, која во суштина не е променета од можеби своите први верзии.

Интересна ќе биде можноста за корисниците да изберат дали иконите на долната лента сакаат да ги имаат на средината, како што тоа беше на Surface Neo или од страните, како што е сега во Windows 10.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.