Иако Linux дистрибуциите остануваат главни кога се во прашање серверите, тие сепак немаат некој посебен напредок кога се во прашање обичните корисници, а тука би ги вклучиле и државните институции.

Одамна немаме прочитано за некое поголемо префрлање на Linux од Windows, па затоа веста од Јужна Кореа го привлекува вниманието.

Во оваа земја државните институции функционираат на веќе стариот Windows 7 чија поддршка завршува на почетокот од идната година, односно во јануари. Ова значи дека легендарниот оперативен систем веќе нема да биде погоден за користење затоа што покрај тоа што нема нови функции веќе одамна, од идната година нема да добива ни исправки и безбедносни надградби.

Ова секако не е прифатливо за државните институции, а можноста да се плати за продолжена поддршка донесува нови трошоци, а не претставува долгорочно и сигурно решение.

Поради тоа, а можеби и како преговарачка тактика со Microsoft, корејската влада најави дека тие планираат да се префрлат на Linux. Не е објавено на која дистрибуција би се префрлиле или дали тие самите планираат да развијат некоја за нив.

Како главна причина се најавува намалувањето на трошоците и тргањето на зависноста од еден оперативен систем, меѓутоа бесплатноста на Linux не значи и немање трошоци.

Самото префрлување, купувањето на нови компјутери, како и поддршката потоа ќе ја чини владата повеќе милиони долари.

Веќе можевме да прочитаме за примери каде властите се одлучуваат за користење на Linux, од кои меѓу повеќе познатите беше тој во Минхен. Сепак, од градот информираат дека планираат враќање на Windows 10 поради проблемите кои ги имаат со некомпатибилност со одредени апликации, како и „главоболки“ кои се јавуваат поради проблемите.

Иако Microsoft веќе одреден период Windows 10 не го става на првото место кога е во прашање бизнисот, сепак ова е голем дел од компанијата и тие продолжуваат да го развиваат, па пазарниот удел сепак останува голем.