Windows 10, за разлика од претходните верзии, добива многу повеќе надградби кои донесуваат нови функции во оперативниот систем, односно истото се прави два пати годишно, а остатокот се поврзани со безбедноста и перформансите на системот.

На почетокот од овој месец, Microsoft официјално ја пушти втората за оваа година поголема надградба за Windows 10, наречена October 2018 Update. Истата е достапна за сите и веќе можете да ја инсталирате, а достапноста оди побрзо благодарение на вештачката интелигенција.

Оваа верзија од Windows 10, која го носи бројот 1809, покрај стандардните подобрувања во перформансите, донесува и неколку нови и подобрени функции, а најважните од нив според нас се следните.

Темна тема во File Explorer

Темна тема на корисничкиот интерфејс е нешто што добива се повеќе на популарност. Со ова, повеќето елементи од оперативниот систем, како и поддржаните апликации, добиваат темна нијанса, што посебно е погодно за користење на компјутерот навечер.

Windows 10 веќе одреден период има темна тема, а истата сега е достапна и на File Explorer, со што може да се каже дека се заокружува поддршката, па останува во главно на останатите апликации.

Не можеме да кажеме дека имплементацијата на темната тема е баш најдобро направена, па се надеваме дека со тек на време Microsoft ќе ја досреди. За потсетување, за да ја вклучите темната тема, а со тоа и на File Explorer, треба да ја вклучите Settings апликацијата, па да отидете на Personalization > Colors, каде најдолу е достапен изборот „Choose your default app mode“ и можете да изберете Dark.

Your Phone апликација за поврзување со мобилен телефон

Your Phone е нова апликација од Microsoft, која им беше достапна на Insider корисниците, а сега за сите. Оваа апликација овозможува да го поврзете, сега за сега, вашиот Android смартфон и да ги гледате сликите и SMS пораките од телефонот.

Покрај тоа што можете да ги гледате, сликите можете да ги префрлите каде што ви е потребно, како на пример директно во некоја апликација како PowerPoint, додека можете да одговарате на SMS пораките директно од вашиот десктоп.

За понатаму се најавува дека оваа апликација ќе подржува синхронизација на известувањата од смартфонот, како и пренесување на неговиот екран, со што се овозможува користење на било која од мобилните апликации на десктоп компјутерот.

Нова Sticky Notes апликација со можност за синхронизација со облакот

Sticky Notes е едноставна апликација која со текот на времето доби по некоја мала новина, во главно поврзана со боите. Со најновата верзија од Windows 10, Sticky Notes добиваат можност за синхронизација со облакот, а со тоа и со вашите други Windows 10 уреди, едно централно место каде се прикажани вашите Notes, како и дополнителни можности за форматирање на текстот и нова темна боја.

Нова Snip & Sketch апликација

Се работи за нова апликација за работа со „исечоци од екранот“, односно screenshots која треба да ја земени старата Snipping Tool. Новата апликација е направена како модерна апликација и овозможува исечок од целиот екран или на дел од него. Потоа достапни се повеќе алатки се цртање и слични активности на исечокот, по што тој може да се зачува или сподели со други.

Подобрено пребарување преку оперативниот систем

Search лентата на taskbar-от или Cortana, зависно што ви е вклучено, сега имаат многу подобар кориснички интерфејс, како и подобрување генерално на корисничкото искуство при пребарување. Прикажаните информации се поделени на дополнителен дел од десната страна, со што може да се видат многу повеќе информации. Пребарувањето може да се направи локално, за фајлови, на веб и слично или сите заедно, а достапна е историјата на претходно пребараните работи.

Нов Clipboard систем

Кога ќе ископирате нешто, најчесто со Ctrl + C, последното останува во меморијата и можете да го пренесете повеќе пати.  Новиот систем ги зачувува сите копирани работи, па преку притискање на Windows Key + V можете да ја видите листата со се што имате копирано. Со ова се трга потребата да повторно треба да ја отворате апликација, документот или што и да е, за да повторно ископирате.

Доколку работите на повеќе уреди, сега е можно зачувување на листата во облакот, со што пренесување на копираните работи може да се направи помеѓу повеќе компјутери.

Вклучувањето на новиот систем се прави преку Settings > System > Clipboard, каде се достапни неколку можности за прилагодување.

Подобрувања во Microsoft Edge

Со секоја наредна надградба, Microsoft Edge станува се повеќе стабилен и прифатлив за користење. Уште само неколку работи доколку ги средат од Microsoft, како и достапноста на додатоци, можеби и овој прелистувач ќе може да претставува сериозна конкуренција на Chrome.

Во оваа верзија од Windows, Edge добива и ново главно мени кое сега може да се каже дека е направено „да личи на нешто“. Организацијата на менито е пологично направена, а се што сакате да најдете сега многу полесно ќе можете да го направите.

Microsoft Edge исто така има и подобрувања поврзани со корисничкиот интерфејс, којшто е направен повеќе во правецот на Fluent Design. Една работа која веднаш ќе се забележи е истакнатоста на активниот таб за разлика од другите.

Именување на папките во Старт менито

Можност за креирање на папки во Старт менито има веќе неколку верзии и е одлична можност за негово организирање. Она што недостасуваше, а им е познато на корисниците на Windows Phone, е можноста да овие папки се именуваат со цел подобро нивно распознавање и организирање.

Именувањето се прави преку отворање на папката, па притискање на делот означен за именување.

Претходна статијаНа 19 октомври започнува новата сезона 2018/19 на Меѓународниот натпревар по програмирање организиран од Мусала Софт
Следна статијаНаредната генерација на Wi-Fi стандардот ќе донесе и нов начин на негово именување
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.