Познатата и очекувана за овој период од годината WWDC конференција од Apple во своето 2019 издание се одржува оваа недела. Како и секоја година, на оваа конференција ги чекаме новите верзии од оперативните системи од компанијата, а тука се и новите верзии на некои од компјутерите, а секако, новите iPhone модели стандардно се претставуваат во септември.

iOS оваа година ја добива својата тринаесетта верзија, па iOS 13 може да се каже дека е поголема надградба, за разлика од ланската година која донесе повеќе подобрувања во перформансите, но не и многу функционални промени.

Главната новина на iOS 13 е воведувањето на темна тема на целиот систем. Тоа значи дека корисниците ќе можат да изберат да го затемнат корисничкиот интерфејс на оперативниот систем во конкретно време или според распоред.

Затемнувањето ги опфаќа сите елементи на корисничкиот интерфејс, како што е центарот за известувања, „виџетите“, а достапна е и посебна позадина со потемна нијанса. Поддршка за темната тема имаат повеќето Apple апликации, а истата е достапна и за останатите програмери кои може да ја додадат кај своите апликации.

https://youtu.be/E5Jg4Wm9b7o

Темните теми веќе одреден период се популарни, пред се поради нивната естетска привлечност, а секако тука се и поголемата пријатност за очите во темни услови и заштедата на батеријата кај уредите со OLED екран.

Друга новина која доаѓа со iOS 13 е можноста за најавување на веб сервиси користејќи ја Apple сметката. Sign in with Apple е наречена оваа нова функција и истата е достапна од повеќето поголеми компании како Facebook, Google и Microsoft.

Сигурно имате забележано дека кога се регистрирате на некој нов сервис, истиот нуди можност наместо да пополнувате формулар, да се најавите со вашата, на пример, Facebook сметка. Сервисот ќе ги „повлече“ потребните информации од Facebook, како што е вашата имејл адреса, но често тие информации се повеќе од што можеби би требало.

Тука се истакнува Sign in with Apple. Од компанијата истакнуваат дека Apple нема да споделува приватни информации со сервисите, а доколку корисниците сакаат уште поголема приватност, ќе може да изберат да со сервисот биде споделена нова, случајно избрана само за тој сервис, имејл адреса. Пораките кои стигаат на таа адреса ќе бидат препраќани на главната.

Уште една новина е поврзана со приватноста на корисниците. Тие сега ќе можат еднаш да и дозволат на некоја апликација пристап до нивната локација, па истата ќе мора повторно да побара. Тоа значи дека апликациите нема да можат цело време да имаат пристап до локацијата на корисникот, па за истото ќе бараат дозвола, доколку истата не им е дадена за цело време.

Перформансите се исто така важен дел и од оваа надградба. Од Apple истакнуваат дека Face ID ќе работи до 30% побрзо, а намалена е големината на апликациите во App Store за 50%, како и големината на надградбите за 60%. Тоа треба да овозможи двојно побрзо стартување на апликациите.

Не нешто толку ново и големо, но сепак Apple дури сега го воведува кај својата тастатура. Quick Path е името кое го користат од компанијата да ја наречат функцијата која овозможува пишување на тастатурата со влечење на прстот од буква до буква. Останатите тастатури, кои може да бидат инсталирани на iOS веќе неколку верзии, ја имаат оваа можност веќе одамна, па изгледа дека истата е доволно популарна и користена за Apple да се одлучи да ја воведе и кај својата тастатура.

Apple Maps во iOS 13 добива целосна преработка. Од Apple истакнуваат дека апликацијата сега ќе има повеќе детали за улиците, повеќе можности за пешаците, подетални адреси и слично. Апликацијата исто така добива нова можност која е наречена Look Around, а кратко да ја објасниме, е Apple верзија на Google Street View.

Новите мапи се достапни во одредени градови во САД, а се очекува поголема достапност до крајот на годината, додека остатокот на светот ќе треба да почека до идната година.

Уште една новина може да се каже дека е голема во iOS 13, а тоа е можноста за приклучување на додаден простор за податоци или кратко кажано, можност за приклучување на SD картички и USB „стикчиња“. Можност која одамна е достапна кај Android, па изгледа Apple смета дека сега е времето истата да им ја овозможи и на своите корисници, а сметаме дека е повеќе поврзана со новиот iPadOS, но за тоа во посебна статија.

Како и со секоја верзија, посебните апликации во iOS добиваат подобрувања. Посебно се истакнува Reminders апликацијата која сега е многу подобро организирана, а е помогната и од вештачката интелигенција, а секако тука се и Photos апликацијата, камерата и други.

iOS 13 ќе им биде достапен на корисниците на iPhone 6s, па нагоре, како и на iPhone SE и новиот iPod Touch. Оваа верзија сега нема да биде достапна на iPad уредите, а тие добиваат свој нов и посебен оперативен систем, кој кратко кажано е унапредена верзија од iOS, доволно за да биде издвоена како посебен систем.

ИЗВОРApple
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаБрисел привремено ги прекина тестирањата на 5G мрежата поради можноста за поголемо зрачење
Следна статијаiPad уредите добиваат свој посебен оперативен систем – Apple го најави iPadOS
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.