iPod Touch иако еден од исто така познатите уреди од Apple, повеќето сигурно веќе и мислеа дека нема да се произведува, а зошто и би се произведувал. Последната верзија од овој уред беше претставена пред околу четири години, па тоа е доволно време за да биде отпишан како производ.

Сепак, Apple до некаде неочекувано и без неофицијални најави претходно, претстави нова генерација од iPod Touch која доаѓа со одредени подобрувања, но сепак не со најновиот хардвер кој се користи во најновите iPhone и iPad модели.

Ова го прави iPod Touch најевтиниот Apple уред кој може да им овозможи на многу луѓе пристап до овој екосистем, односно апликациите и корисничкото искуство, без потреба да платат огромна сума за некој од iPhone моделите. Тоа значи дека iPod Touch веќе не може да се каже дека е ексклузивно музички уред кој би го купиле корисниците кои слушаат доста mp3-ки.

iPod Touch сега доаѓа со неколку години стариот, но сепак понов и подобар A10 Fusion чип од Apple, со што се овозможува дупло подобра моќ на уредот. Поради тоа, корисниците ќе можат за првпат, како што истакнуваат од Apple, да користат апликации со проширена реалност, а ќе можат и да прават групни видео повици преку FaceTime.

Причината за претставувањето на нов iPod Touch може да се види преку две работи. Едната е што овој уред може да продолжи да ги привлекува корисниците кои доста слушаат музика, но не сакаат да ја платат високата сума за iPhone.

На овој начин, корисниците ќе можат да ја слушаат својата колекција или да се претплатат на новиот Apple Music сервис, а во исто време да имаат уред којшто сепак може без проблем да работи со најновите апликации од App Store.

Втората работа поради која iPod Touch доби нова верзија е можноста за играње на новите игри кои ќе станат достапни преку Apple Arcade сервисот за игри со претплата. Повторно, Apple ќе може да привлече повеќе корисници во нивниот екосистем, без да мора да платат за скап iPhone.

Кратко кажано, ова лесно може да се каже дека е одговорот на Apple за поевтините Android уреди, па иако iPod Touch нема можност за телефонски повици, сепак е одличен начин „евтино“ да се влезе во Apple светот.

Инаку, почетната цена по кој ќе може да се купи iPod Touch е 199 долари, со простор за податоци од 64 GB. За 128 GB простор ќе треба да се платат 299 долари, додека за 256 GB простор корисниците ќе треба да платат 399 долари.

ИЗВОРApple
ИЗВОР 2PCMag
Претходна статијаРен Женгфеи за R&D, универзитети и кој всушност е татко на 5G?
Следна статијаAsus го претстави досега најинтересниот лаптоп компјутер со два 4К екрани и карактеристики од највисоката класа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.