8912d492190dcc7cbcc76cbd3dda00bd_original

Кога патуваме на повеќето ни треба куфер. Во него сместуваме облека, уреди, храна, пари и така натаму. Поради ова безбедноста на куферите е главен приоритет кога ќе го земете да го носите со себе, и нормално е човек да сака да ја осигура. Понекогаш се случува при лет да ни го заборават, да ни го искршат, или пак да ни го украдат куферот кој го носиме. Колку би било добро да можете да го лоцирате каде се наоѓа нели?

За да ги оствари овие функции и плус други доаѓа на помош Space Case 1, Kickstarter проект кој има цел да го модернизира куферот и да го дигитализира. Се работи за куфер кој во себе покрај задолжителниот простор за сместување работи има и извор со енергија, 3 USB порти, GPS уред, звучници, аларм, скенер за одпечатоци од прст за отворање, сензор за близина и поврзаност со мобилна апликација.

Со помош на USB портите можете да ги наполните вашите преносни уреди, па никогаш нема да ви снема батерија кога ќе патувате некаде, нешто што знае често да биде проблем. Двете порти се надворешни, а едната е внатрешна и овозможува полнење на уред кој се наоѓа внатре во куферот. Со помош на GPS уредот можете да го лоцирате куферот на мапа каде и да се наоѓа, во случај на кражба или забуна при достава на аеродром.

Сензорот за блискост го активира алармот на куферот ако тој се оддалечи од вас, а го активира со помош на звучниците кои би требало да ги натераат крадците да го пуштат и да бегаат. Дополнителна безбедносна мерка е секако скенерот за прстен одпечаток без кој куферот не може да се отвори. Не` интересира само што ќе се случи ако случајно го изгубите тој прст, а внатре во куферот имате милион евра…

Како и да е, одличен концепт за дигитализација на куфер кој за жал ќе држи прилично „солена“ цена: најевтината варијанта која можете сега да ја земете преку Kickstarter e 299 долари, а во стандардната продажба ќе држи цена од 700 до 900 долари, што е превисока цена за еден куфер, каков и да е. Да се надеваме дека ќе се појават и други производители кои ќе ја намалат цената на ваквите модерни куфери.

Извор: BGR, Kickstarter: Space Case 1

Претходна статијаApple претстави нов iPod Touch, другите модели добија нови бои
Следна статијаЗаврши поддршката за Windows Server 2003