03262016-palmer-luckey-oculus-rift-alaska-dude

Еден од најочекуваните уреди за играње на игри во виртуелна реалност, Oculus Rift, конечно стигна до рацете, пардон, очите на првиот корисник. Најинтересно е што уредот на Рос Мартин му беше врачен од извршниот директор на компанијата – исто како првиот iPhone да Ви го врачи Тим Кук на пример.

Палмер Лаки, извршниот директор на Oculus, како што може да се види на фотографиите носи „кул“ хавајска кошулка, која и не одговара особено на животното место на првиот сопственик, Аљаска, но многу добро ни најавува за каков извршен директор станува збор – многу сличен на тоа какви корисници ќе има уредот.

Палмер му порача на Рос дека долго работел на овој уред и дека се чувствува како да му ја врачува целата своја напорна работа, како и тоа да го искористи Rift-от за да има забава – нешто што со уред за виртуелна реалност е секако загарантирано.

Уредот на Рос Мартин му бил испорачан на работното место и тој не можел веднаш да го проба како функционира, бидејќи, како што веќе знаеме, Oculus Rift бара исклучително моќен гејмерски компјутер за да може воопшто да го пуштите. Рос својот Oculus Rift го порачал уште во Јануари, кога компанијата објави дека ќе почнат преднарачките за уредот.

Oculus Rift инаку чини 599 долари, а компанијата нуди и дополнителен сертифициран компјутер за 949 долари, за оние кои немаат моќна десктоп машина. За уредот во почеток ќе бидат достапни околу 30-тина игри, меѓу кои и Project Cars, за која веќе пишувавме.

Извор: Recode, TechCrunch, TechRadar

Претходна статијаНамигнете и зумирајте – нови технолошки-напредни леќи на повидок
Следна статијаНова технологија овозможува фотографирање преку прозор без рефлексија