Самоуправувачките или автопилотирани автомобили моментално се на ниво на концепт, а во добра мера и научна фантастика, зависно од тоа за каква примена се зборува. Автомобилската индустрија е се’ уште далеку од спроведување во пракса на концептот на возила кои самостојно, неасистирано ќе учествуваат во сообраќајот, притоа запазувајќи ги сите безбедносни критериуми.

Но, упатените велат дека всушност и не сме толку далеку оваа идеја да стане реалност, барем кога се однесува до урбаните средини. Студиите покажуваат дека до 2030-та година речиси една четвртина од сообраќајот во САД ќе го сочинуваат токму вакви возила. Тука примарно се мисли на дистанците покриени во урбаните средини, како дел од алтернативниот начин на масовен транспорт.

До ваквата ситуација ќе доведе најпрво економскиот фактор, односно електричните, самоуправувачки возила кои ќе можат да ги користат неколку патници истовремено. Тие се несомнено поекономични од традиционалните начини на превоз. Бостонската консалтинг групација (Boston Consulting Group) смета дека големата промена дополнително се должи на паралелниот развој и побарувачка на самооперирачки технологии и електрификација на возилата. Развојот со ова темпо во наредните години би можел да ги сведе генералните трошоци за транспорт на речиси 60% пониско ниво.

Што се однесува до автомобилскиот пазар, во претстојните години не се очекуваат драматични осцилации на побарувачката, меѓутоа, како што посочува BCG, ќе се измени структурата на корисниците на традиционалните автомобили.

Кога се зборува за изменета структура на корисници, важно би било да се напомене дека концептот на споделување на електрично возило, кое меѓу другото самостојно управува и е способно да покрие извесна дистанца за солидно време, всушност претставува крај на ерата на „масовен транспорт“. Гужвите во метроата и возовите кои оперираат низ големите градови пренесувајќи милиони патници до нивните работни места, училишта и сл. би можеле да бидат заменети со комфорен и во извесна смисла поцивилизиран начин на патување. Доколку на тоа се додаде економската исплатливост и позитивниот еколошки ефект, јасно е дека токму тоа би требало да биде главен фокус на автомобилската индустрија.

Извор: TechRunch

Претходна статијаWindows 10 Creators Update сега достапен за сите корисници
Следна статијаПаметно живеалиште составено од „блокови“