Ние луѓето дишеме кислород, но како што знаеме од лекциите од основното училиште, во атмосферата има најмногу азот – скоро 80%. Азотот е инаку прилично инертен гас и исклучително е тешко да реагира со каква и да било супстанца или елемент, барем во својата стандардна N2 форма на два врзани атоми, што го прави не многу погоден за употреба во батерии на пример. Сепак, кинески научници пронашле начин.

Имено, за разлика од литиум – нитридните батерии, кои со реакциите испуштаат азот и енергија, новиот тип ќе дава енергија преку спојување на литиумот со азотот при амбиентална температура, односно во процесот на креирање на литиум нитрид. Според научниците кои стојат зад ова откритие, многу работа е потребна додека овој концепт биде разработен – засега постои само на парче хартија.

Така, во иднина треба да се работи на подобра стабилност на катодата и анодата, како и на електролитот, односно да се направат поефективни катализатори, со цел да се оптимизира процесот на спојување на литиум со азот.

Но, зошто воопшто да се менува дизајнот и начинот на работа на литиум – јонските батерии? Едноставно е – новите батерии со азот би биле уште поевтини и би имале многу помал импакт на околината. Затоа, тимот на научници од Кина ќе продолжат да го развиваат овој концепт, иако ќе поминат веројатно неколку години пред да ги видиме првите физички примероци од ваква батерија.

Извор: Wired, Science Daily

Претходна статијаInstagram воведува нов начин на зачувување на фотографиите
Следна статијаВештачка интелигенција предвидува срцеви удари подобро од лекар специјалист