Иако се очекуваше дека Galaxy Z Flip 5G ќе биде претставен на Unpacked настанот кој Samsung ќе го одржи на 5-ти август, сепак од компанијата имаат доволно нови уреди за претставување, па овој го претставија порано.

Како додатна причина за ова можеби треба да се земе и фактот што Galaxy Z Flip 5G не донесува многу новини во споредба со неговиот претходник кој беше претставен пред само 5 месеци, па во август можеме да видиме повеќе новини, а посебно кај Galaxy Z Fold2.

Galaxy Z Flip 5G доаѓа скоро со истите карактеристики како Galaxy Z Flip, а кога ќе се земе во предвид дека се претставува само 5 месеци по првата верзија, не ни треба да се очекува повеќе од само одредено освежување кога ќе го направи доволно конкурентен до крајот на годината.

Главната новина кај Galaxy Z Flip 5G се гледа и од неговото име, а тоа е додавањето на поддршка за 5G мрежите, нешто што полека станува важно оваа година, а веќе идната година повеќе земји ќе ја имаат пуштено својата нова, побрза и постабилна безжична мрежа.

Телефонот заедно со 5G поддршката добива и нов процесор, очекувано, а тоа е подобриот Snapdragon 865 Plus 5G, со што може да се очекува и подобрување на перформансите, што ќе придонесе кон подобра работа на телефонот генерално.

Од Samsung исто така ги истакнуваат повторно функциите кои доаѓаат овозможени од екранот кој се преклопува, па така корисниците имаат можност да гледаат видео на YouTube, на пример, на горниот дел од превитканиот екран до половина, додека на долната страна им се достапни контролите, коментарите и слично. Ова е можно со Flex Mode функцијата која исто така може да е користи и за сликање со камерата.

Инаку, Galaxy Z Flip 5G доаѓа со 6,7 инчен Dynamic AMOLED екран со резолуција од 2.638 на 1.080 пиксели, а со тоа се добиваат одлични 425 пиксели на инч. Кога е затворен повторно има помал екран за прикажување на информации, а тој е со големина од 1,1 инч и направен со Super AMOLED технологијата.

Предната камера е со 10 мегапиксели и f/2.4, додека на задната страна има две камери со сензори со по 12 мегапиксели, од кои едната има ултра широк агол на сликање. Втората камера доаѓа со одличен f/1.8, оптичка стабилизација на сликата, до 8 пати зумирање, како и поддршка за HDR10+ снимање.

Galaxy Z Flip 5G ќе се продава по слична цена како претходниот модел, односно околу 1.500 евра, со што е јасно дека овој телефон оваа година ќе остане избор на тие кои можат и сакаат да ја платат оваа цена. Од идната година веќе веруваме дека може да очекуваме поголема достапност и кај останатите корисници, односно тие кои веќе купуваат модели како S20+ и слични.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаSamsung „Life Unstoppable“ – прва виртуелна интерактивна конференција
Следна статијаЗапочнува ловот на лавови на BalCannes: Нов концепт за пријавување во согласност со вонредните околности
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.