Цената од 930 долари ви се чини како многу висока за паметен телефон? Јас би рекол дека со сите можности кои ги има новиот Galaxy Note 8 ваква цена беше и очекувана, но не очајувајте, бидејќи корејскиот гигант планира и делумно поевтина верзија на Galaxy Note 8, која нема претерано многу да се разликува во однос на моделот претставен завчера.

Всушност, единствената разлика ќе биде во тоа што поевтиниот модел ќе има 4 GB рам, наспроти 6 GB рам кај помоќниот модел. Ова не е преголема разлика и иако за смартфон од високата класа е добро да имате повеќе рам, 4 GB не се малку и тоа е истата количина која ја имаат Galaxy S8 и S8+.

Колкав ќе биде падот на цената сѐ уште не можеме да кажеме со сигурност, но доколку биде придружен и со помал капацитет на простор за податоци, таа би можела да биде пониска и за 100 долари.

Покрај тоа што ќе има поевтин модел на Galaxy Note 8, има и друга шанса да го купите овој телефон поевтино, а тоа е доколку сте поседувале Note 7. Да, за целата мака која ја имавте со запаливиот Galaxy Note 7, Samsung ќе ви даде попуст на нов Note 8 и тоа до фантастични 425 долари. Ова е намалување од скоро 50% од цената на уредот и е одлична шанса за сите кои имале Galaxy Note 7 да го купат новиот модел по цена која е пониска од многу конкуренти од високата класа, кои реално и не можат да конкурираат на сите функционалности на Note 8-ката.

Извор: TechnoBuffalo (1) (2), TechRadar, CNET

Претходна статијаApple разработува автономно возило за превоз на своите вработени
Следна статија12 години подоцна: Age of Empires IV