Уште кога ги видов првите фотографии од новиот OnePlus 5 смартфон, искоментирав дека претерано личи на iPhone 7 Plus. И не бев сам во ова – скоро секоја друга публикација се сложи дека новиот знаменосец на малата кинеска компанија изгледа како супер популарниот смартфон на Apple.

Сепак, нови фотографии (поточно рендери) од деталите покажуваат дека OnePlus ќе има доволно различни елементи за да се разликува од iPhone 7 Plus.

Секако, од далеку ова и натаму ќе биде смартфон кој неодоливо ќе потсетува на телефоните на Apple, настрана логото. Сепак, од рендерот на Android Central може да се види дека страниците ќе имаат различна транзиција кон задниот дел, односно страниците ќе бидат позаоблени. И предниот дел ќе биде поразлично изведен, онаму каде ќе се наоѓа со страниците на телефонот, што ултимативно треба да го подобри држењето во рака.

Од рендерите може да се види и дека OnePlus ќе го врати Alert Slider, кој може да се искористи за брзо префрлување на смартфонот во тивок мод, нешто слично на iPhone, но со различна изведба на текстурата која тука треба да биде полесна да се погоди без да гледате во телефонот. На крај, антените ќе бидат вградени кон рабовите на телефонот, повторно исто како iPhone.

На крај, морам да дадам уште еден коментар. Од Android Central со новите рендери веројатно сакаат да го обелат образот малку на OnePlus 5, кој секако има Android оперативен систем. Лично немам ништо против OnePlus, компанија која изминативе години се покажа како прилично иновативна, но дека нивната нова „5-ка“ личи на iPhone, личи на iPhone.

Да, ако навлеземе во работите може да одиме до HTC One M7 првиот алуминиумски дизајн каков што имаат многу телефони денес, но факт е дека OnePlus 5 не е само налик на еден од своите најголеми конкуренти, туку е скоро подеднаков. Како и да е, очекувајте да се бара парче повеќе – односот на цена и спецификации и натаму ќе бидат најдобри во класата.

Извор: Android Central, NDTV

Претходна статијаНаучници го креираа најтенкиот магнет досега, ќе придонесе за уште побрзи компјутери
Следна статијаЗапочна пријавувањето за доделување стипендии од Еуролинк за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“