LG се чини конечно претстави телефон со кој може да конкурира на Samsung. V30 е на хартија извонреден Android телефон, со фото и видео можности кои се подобри од веројатно секој смартфон на пазарот досега и дисплеј кој конечно може да конкурира на AMOLED екраните на Samsung Galaxy S и Note сериите.

Дизајнот на V30 е прилично различен од тој на двата претходници. Сега, 6 инчниот дисплеј има 18:9 сооднос на страните и резолуција од 2880х1440 пиксели и недостасува втор дисплеј во горниот дел.

Ова се чини и не е воопшто недостаток, бидејќи рамката околу овој дисплеј е многу мала и се чини дека просторот е максимално искористен. Најважно од се е што дисплејот е OLED, нешто што LG го нема направено одамна и што најавува квалитет на сликата конкурентен на Samsung.

Покрај големиот дисплеј во предниот дел, V30 може да се пофали и со супер квалитетна двојна камера во задниот дел. Тука, за разлика од скоро секој друг производител, има стандардна камера со 16 мегапиксели и најбрза f/1.6 бленда досега и ултра широка камера со 13 мегапиксели. Да, со оваа комбинација V30 можеби не овозможува многу зум, но според многумина, широка камера е покорисна од тесна, бидејќи секогаш може да се доближите до субјектот ако е потребно.

Најголем фокус кај камерата е ставен на видео можностите. Тука, корисникот ќе може да снима и во „кино стандард“ со цел да може да извади максимум од динамичкиот опсег и бојата во видеото. Во телефонот се вградени и 16 „кино ефекти“, со кои може да се постигнат бои во видеото како во холивудските филмови, но има и целосни мануелни контроли. V30 има и можност за зумирање на некој субјект во видеото, мазно како во филмовите.

Како јаготка на шлагот, V30 е опремен со стерео микрофони, кои снимаат многу поквалитетен аудио запис во видеото од скоро секој друг смартфон.

Сите овие можности, за прв пат во “V” серијата, се вградени во вистински допадливо тело, изработени од комбинација на алуминиум и стакло. Супер малата рамка околу дисплејот секако помага во футуристичкиот изглед, но не открива колку е издржлив овој телефон.

Како и претходниците и овој има војничка MIL-STD-810G спецификација, што значи дека е отпорен на супер високи и супер ниски температури, шокови и паѓања, високи притисоци итн. Оваа спецификација е придружена и од IP68 водоотпорност, исто како кај Galaxy S8.

Останатите спецификации се веќе стандардни како за секој Android знаменосец. Процесорот е Snapdragon 835, помогнат од 4 GB рам меморија и 64, односно 128 GB простор зависно од моделот, со можност за micro SD картичка. Батеријата има 3.300 mAh, што и не личи како премногу, додека V30 е опремен и со 3,5 mm излез за слушалки со супер квалитетен засилувач со четири „дигитално во аналогно“ конвертери. Во кутијата има и супер квалитетни Bang&Olufsen слушалки.

Сите овие карактеристики дефинитивно го ставаат V30 при самиот врв во високата класа на смартфони и тоа во време кога главните конкуренти ги претставуваат Galaxy Note 8 и iPhone 8. Всушност, за оние кои сакаат максимално способна фото и видео камера и сакаат супер квалитетен звук на слушалки од својот смартфон, V30 ќе е најдобро решение од нив, што е голема пофалба за кој и да било смартфон.

Извор: ZDNet, The Verge, TechCrunch

Претходна статијаСамсунг го скратува времето на перење алишта со “QuickDrive” технологијата
Следна статијаСамсунг Електроникс го обликува новиот нормален живот на ИФА 2017