iPhone-7-Dual-Camera-800x450

Една од главните предности кои сеуште ги имаат компактните фотоапарати во однос на смартфоните е можноста за оптички зум. Да, има телефони кои имаат ваква можност, но тоа се специјални изведби (Galaxy Zoom) и реално не поминаа добро на пазарот. Тоа веројатно ќе се смени со iPhone 7 Plus, кој ќе има изведба со двојна камера која ќе овозможува „квази“ оптички зум.

Apple инаку неодамна го купи израелскиот LinX, кој веќе има развиено модули со две или повеќе леќи и преку специјални алгоритми, успева на корисникот да му даде можност за оптичко зумирање на фотографијата, без намалување на квалитетот, но ќе има и други можности, како на пример за лесно дефокусирање на позадината – како кај скапите објективи кај професионалните апарати. Исто така, изведбата на LinX веројатно ќе придонесе камерата веќе да не излегува од телото како кај актуелниот модел и покрај тоа што новиот iPhone веројатно ќе има уште потенко тело.

linx_cameras

Сепак, не очекувајте којзнае колку зум со оваа изведба – доколку биде вградена двојна камера, максимумот е 2-3 пати зум, што реално е скоро и неупотребливо за оние што сакаат да сликаат подалечни субјекти. Како и да е, корисникот барем ќе има можност малку да се доближи до субјектот, макар тоа било и за два пати – сега не може воопшто, освен ако не сака деградирање на квалитетот на фотографијата. Зумот исто така може да биде многу корисен за снимање видео – сега „филмските“ зум ефекти ќе му бидат достапни и на обчниот корисник.

Според информациите, оваа камера треба да биде вградена во поголемиот Plus модел, кој во основната верзија и натаму ќе има камера со само една леќа, поради проблемот со производството на толкав број на модули со двојна леќа. Ова звучи малку веројатно – Apple не е познат по тоа што ќе понуди различни функции во ист модел, освен разликата во просторот за складирање податоци, па затоа, според моја проценка, двојната камера би можела да биде лансирана со “S” моделите наредната година.

Извор: MacRumors, The Verge, TechCrunch

Претходна статијаFacebook ќе воведе „Реакции“ како проширување на лајк копчето
Следна статијаGeForce 710 – Мини десктоп графичка за оние со помал буџет