mid2

Huawei на Mobile World Congress го лансираше првиот свој таблет со Windows 10, кој влегува директно во клинч со iPad Pro и Surface Pro 4, а има исклучителен дизајн со многу тенко и лесно куќиште, како и цела плејада додатоци кои треба да ги задоволат потребите на сите купувачи.

MateBook има 12 инчен дисплеј со резолуција од 2160х1440 пиксели, што значи дека не е мал таблет, но малата рамка околу дисплејот секако дека го прави покомпактен од конкурентите. Тука сигурно дополнително помага и малата дебелина и тежина – MateBook е супер тенок со 6,9 милиметри и супер лесен со само 640 грама тежина.

SEQ2_00023

За да се постигне ова, во внатрешноста се вградени процесори од Core M серијата и тоа m3, m5 и m7 зависно од конфигурацијата. Основниот модел има 4 GB рам меморија и 128 GB SSD диск, но и тие може да се надградат максимум на 8 GB и 512 GB.

Според тоа, од MateBook не може да се очекуваат перформанси на нивото на Core i5 или Core i7 изведбите на Surface Pro 4, но од друга страна таблетот има пасивно ладење, за разлика од малку побучните кулери кај таблет/лаптопот на Microsoft. Исто така, вградената батерија од 33.7Wh би требало да издржи околу 10 часа со едно полнење, што е многу солидно за Windows 10 таблет.

SEQ2_00011

За оние кои сакаат да извадат максимум од овој таблет, сепак ќе треба да доплатат за тастатура, која чини дополнителни 149 евра во Европа. На неа има и тачпад и истата е водоотпорна, но тоа сепак се чини се многу пари за тастатура која не дозволува комфорно работење во скут поради недостатокот на подесување на аголот на дисплејот, а и „оригами“ начинот на ставање на тастатурата на таблетот не е особено практичен.

За артистите пак ќе биде достапно и дигитално пенкалце, кое има 2048 зони на притисок и кое треба да понуди многу високо ниво на прецизност во цртањето. Сепак и овој додаток не доаѓа заедно со таблетот и чини дополнителни 69 евра во Европа и секако тука вреди да се спомене – пенкалцето во Surface Pro 4 доаѓа со самиот уред.

padtop

Бидејќи на тенкото куќиште од таблетот нема можност за големи USB порти и вградена е само една USB Type-C порта, која се грижи за полнење и поврзување на уредот, Huawei нуди и специјален адаптер, кој чини дополнителни 99 евра во Европа и кој има две дополнителни USB порти, VGA, Ethernet и HDMI.

Според сето ова што го кажавме погоре, Huawei дефинитивно има научено „финти“ од Apple – за секој дополнителен уред се доплаќа и тоа сумата не е баш мала. Секако дека ќе беше добро Huawei да понуди барем дигитално пенкалце во пакувањето, но сепак цената на самиот таблет е пониска од таа на конкурентите за околу 20%, односно 799 евра за основниот модел со Core m3 процесор, 4 GB рам и 128 GB SSD, а мора да признаеме – MateBook има и навистина привлечен и модерен изглед.

woman

На крај сепак главното прашање е дали е ова доволно за да се „украдат“ купувачите од супер популарната Surface серија на Microsoft или пак бестселерот iPad Pro,  нешто што со сигурност ќе го дознаеме во наредниве неколку месеци.

woman1

Извор: Huawei, ARSTechnica, PCWorld, BGR

Претходна статијаZTE Blade 7 и Blade 7 Lite се алуминиумски смартфони од средната класа
Следна статијаНовата Xperia X линија на смартфони – најдоброто од Sony во моментов?