Honor линијата на Huawei се чини нуди многу повеќе за вложените пари од поскапата “P” серија, и покрај тоа што овие смартфони ги имаат скоро истите спецификации. Најновиот модел Honor 9 повторно има допадлив дизајн со изработка од стакло и алуминиум, а има и моќни спецификации кои го прават исклучително интересен за ентузијастите со малку поплиток џеб.

Honor 9 е 5,15 инчен смартфон со Full HD дисплеј, што се чини е единствената карактеристика во која заостанува зад конкуренцијата, која нуди Quad HD дисплеи. Сепак, на оваа големина тешко и дека ќе се забележи разликата, а екраните на Huawei се добри во многу други аспекти, како на пример боја, светлина и контраст.

Во внатрешноста се вградува Kirin 960 чипот од високата класа на Huawei со осум јадра, кој е конкурентен на Snapdragon 835. Тука е помогнат од масивни 6 GB рам меморија на пазарите во Европа, додека телефонот има и капацитет од 64 GB простор со можност за micro SD картичка.

Напред е вграден и читач за отпечатоци на прстите, а за заокружување на позитивниот впечаток, назад има две камери – едната во боја со 12 мегапиксели, другата црно-бела со 20 мегапиксели, за заеднички фотографии со многу повисока острина и контраст. Предната камера има мошне солидни 8 мегапиксели.

Huawei Honor 9 има батерија од 3.200 mAh, која би требало да е доволна за целодневно користење, а благодарение на Full HD дисплејот. Во секој случај, кога ќе треба да го наполните, Honor 9 поддржува брзо полнење преку USB Type-C стандардот. Телефонот е инаку опремен со Android Nougat оперативен систем, нормално со дополнителен скин на Huawei.

Во Европа, Huawei Honor 9 ќе има цена од 450 евра, што е навистина исплатливо за толку моќен паметен телефон, особено што покрај сите набројани карактеристики погоре, Honor 9 има и навистина привлечен дизајн, со фино заоблено стакло во задниот дел. Според мене, ова е дури и подобар избор од Huawei P10, другиот знаменосец на Huawei во понудата, кој има и доста повисока цена.

Извор: T3, Engadget, The Verge

Претходна статијаWindows 10 Insider корисниците добија надградба со многу нови функционалности
Следна статијаPetya е уште еден ransomware кој ги погоди Windows компјутерите